Магазинот „Атлантик“ денеска го објави целиот разговор помеѓу највисоките американски функционери воден на апликацијата Сигнал, кој покажува дека министерот за одбрана Пит Хегсет ги дал точните времиња на полетувањето на авионите и кога проектилите ќе паднат, што инаку би била строго чувана тајна.
Откако се дозна дека уредникот на „Атлантик“ Џефри Голдберг по грешка бил вклучен во групен разговор на Сигнал, Хегсет постојано негираше дека споделил воени планови поврзани со напади врз хутските бунтовници во Јемен. Од Белата куќа вчера тврдеа дека никакви доверливи информации не биле споделени на Сигнал.
Разговорот не содржи имиња и точни локации на хутските милитанти кои биле цел на нападите, ниту пак информации кои би можеле да се искористат против американските трупи кои ја спроведувале операцијата.
Голдберг првично не сакаше да го објави целиот разговор, но го стори тоа денеска, при што објави скриншотови од пораките на Хегсет:
11:44 часот: Времето е поволно, тукушто е потврдено, почнуваме со мисијата.
12:15: „Ф-18“ полетуваат (првиот бран напади).
13:45: Метата е на позната локација, сѐ би требало да биде на време (полетуваат и дронови).
14:10: Полетуваат уште „Ф-18“ (вториот бран напади).
14:15: Дроновите се над целта (првите бомби паѓаат).
15:36: Почнува вториот бран напади, лансирани се проектили „томахавк“ од море.
Неколку часа подоцна, советникот за национална безбедност Мајк Волц потврди дека е убиен водечкиот хутски експерт за проектили.
„Зградата се урна. Имаме потврда на идентитетот“, напишал Волц.
Во разговорот не бил вклучен шефот на генералштабот на американската војска Кристофер Грејди. Пентагон денеска кажа дека пораките објавени од „Атлантик“ не содржат доверливи информации или воени планови, туку само известување од Хегсет за текот на акцијата.
Волц денеска кажа дека презема целосна одговорност за гафот со вклучувањето на новинар во групниот разговор на апликацијата Сигнал. Тој, сепак, не можеше да објасни како Голдберг завршил во групата.
Во вчерашното сослушување во Конгресот, шефот на ЦИА Џим Ретклиф и директорката на Националното разузнавање Талси Габард тврдеа дека на Сигнал не биле споделени никакви доверливи информации.
Во својот прв текст во „Атлантик“, Голдберг напиша дека бил поврзан во групата на 11 март преку налог што му припаѓал на Волц. Тој во прв момент мислел дека е измама, но четири дена подоцна видел пораки за напади врз хутите и бил изненаден кога видел дека навистина имало експлозии во главниот град Сана. Во групата биле вклучени 18 лица.