Неверојатното сознание дека највисоките американски функционери по грешка вклучиле новинар во нивниот групен разговор на апликацијата Сигнал ја доведе во прашање иднината на советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц.
Новинарот на магазинот „Атлантик“ Џефри Голдберг кажа дека бил додаден во приватниот канал од налог што му припаѓа на Волц, кој е еден од најблиските соработници на Доналд Трамп. Голдберг притоа видел доверливи воени планови за американски напади врз хутските бунтовници во Јемен и тоа два часа пред да бидат изведени.
Сајтот „Политико“ објави дека засега ништо не било одлучено во врска со Волц, но тоа би можело да се промени во следните ден-два, додека Трамп го следи медиумското покривање на оваа срамна епизода.
„Ако тие сакаа да изберат погрешен телефонски број, барем тоа не беше некој што ги поддржува хутите, бидејќи тие споделуваа информации за кои верувам дека би можеле да ги загрозат животите на американските службеници кои беа вклучени во таа операција“, рече Голдберг.
Висок функционер од Белата куќа кажа дека половина сметаат дека Волц никогаш нема да го преживее ова или не би требало да го преживее. Други двајца функционери сметаат дека Волц треба да даде оставка за да не биде ставен Трамп во лоша позиција.
„Сите во Белата куќа можат да се согласат во едно: Мајк Волц е обичен идиот. Не можеш да бидеш непромислен кога си советник за национална безбедност“, кажа извор од Белата куќа.
Во својот текст во „Атлантик“, Голдберг напиша дека бил поврзан во групата на 11 март преку налог што му припаѓал на Волц. Тој во прв момент мислел дека е измама, но четири дена подоцна видел пораки за напади врз хутите и бил изненаден кога видел дека навистина имало експлозии во главниот град Сана. Во групата биле вклучени 18 лица, меѓу кои и државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот Џеј-Ди Венс.
Трамп и неговиот министер за одбрана Пит Хегсет се обидоа да го ублажат скандалот, велејќи дека нападите врз хутите биле успешни и делотворни.
Во пораките видени од Голдберг се зборело и за Европа, која Хегсет ја опишал како патетична.