Малдиви почна да спроведува генерациска забрана за тутун, со што стана единствената земја во светот со ваков закон, соопшти тамошното Министерство за здравство. Со мерката, која стапи на сила на 1 ноември, им се забранува купување, користење и продажба на тутунски производи на сите лица родени на или по 1 јануари 2007 година.
Од министерството изјавија дека целта на законот, инициран од претседателот Мохамед Муизу, е „да се заштити јавното здравје и да се промовира генерација без тутун“.
Забраната се однесува на сите видови тутун, а трговците се обврзани да ја проверуваат возраста на купувачите пред продажбата. Новите правила важат и за туристите кои ја посетуваат оваа островска држава.
Дополнително, владата одржува и сеопфатна забрана за увоз, продажба, дистрибуција и употреба на електронски цигари и производи за испарување (вејпинг), која се однесува на сите поединци, без разлика на возраста.
Предвидените казни се високи. Продажбата на тутунски производи на малолетно лице се казнува со 50.000 руфии (3.200 долари), додека за користење на уреди за испарување казната е 5.000 руфии (320 долари).
Слична генерациска забрана беше предложена и во Велика Британија, но сè уште е во законодавна процедура. Нов Зеланд, првата земја што воведе ваков закон, го укина во ноември 2023 година, помалку од една година откако беше донесен.



