Шпанските даночни власти соопштија дека ги истражуваат наводите за даночни неправилности во кои е вмешан фудбалерот Лионел Меси, откако во протечените документи од панамската адвокатска компанија „Мосак Фонсека“ се појави неговото име.
Во документите на „Мосак Фонеска“, која им помагала на богатите да ги скријат своите пари, има имиња на речиси 20 фудбалски ѕвезди, вклучувајќи ја и најголемата, Аргентинецот Меси.
Фудбалерот на Барселона, петкратен освојувач на „Златната топка“, веќе е под обвинение во Шпанија дека заедно со татка си Хорхе Орасио Меси користеле компании во Белизе и во Уругвај за да затајат милиони долари во даноци. Протечените документи открија дека Меси и неговиот татко поседуваат уште една офшор компанија во Панама, „Мега Стар Ентерпрајзес“. Споменатата компанија првпат се појавува во документите на „Мосак Фонсека“ на 12 јуни 2013 година, само еден ден откако шпанското обвинителство поднесе обвинение против Меси и татко му за даночна измама. Во документ од 23 јуни 2013 година првпат се појавува семејството Меси како сопственици на „Мега Стар“.
Семејството Меси се заканува со тужби за медиумите коишто ги објавија документите, иако не негираат дека регистрирале офшор компанија во Панама.
– Компанијата поврзана со Меси е неактивна, никогаш немала каков било капитал или активни сметки. Компанијата датира од старата корпорациска структура на Меси, поставена од поранешните финансиски советници на семејството и сите даночни импликации за Лионел Меси беа решени со спогодба на времето. Објавените информации немаат никаква врска со актуелните настани, коишто се пред разврска – се вели во соопштението од Меси.
Шпанското обвинителство поднесе обвинение против Меси и татко му за затајување данок во износ од 4,1 милиони евра во периодот од 2007 до 2009 година. Судењето е закажано за следниот месец и ако бидат осудени им се заканува затвор до две години.