Руското министерство за одбрана потпиша договор со чеченска паравоена група која има важна улога во борбите во Украина, откако Москва најави чекори за ставање на вакви формации под своја директна контрола. Одредот на специјалните сили „Ахмат“ се смета за приватна војска на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој важи за еден од најлојалните сојузници на Владимир Путин.
Министерството викендов им нареди на сите „доброволни“ формации да потпишат договори директно со него, со цел, како што беше кажано, да се зголеми ефективноста на сите руски единици кои се борат во Украина.
„Тоа ќе им даде неопходен законски статус на волонтерските формации за да можат да добијат сеопфатна поддршка во исполнувањето на нивните задачи“, соопшти министерството, додавајќи дека договорите мора да се потпишат до 1 јули.
Многумина сметаат дека ова има за цел да ја ограничи моќта на лидерот на „Вагнер“, Евгени Пригожин, кој често отворено ги критикува министерот за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на руската војска Валери Герасимов. Пригожин, кој не крие дека има политички амбиции, кажа дека неговата група ќе го бојкотира повикот.
„‘Вагнер‘ нема да потпише никакви договори со Шојгу“, дециден беше Пригожин.
Тој инсистира дека неговата група е добро интегрирана во руската војска и дека би се наштетило на нејзината делотворност доколку би морала да му поднесува извештаи на министерството за одбрана.