На 43 години почина Леонид Радвински, сопственикот на платформата ОнлиФанс, која ја револуционизираше онлајн порнографската индустрија. Радвински, кој е роден во Украина, а пораснал во Чикаго, ја купил компанијата во 2018 од нејзините британски основачи.
Популарноста на сајтот порасна за време на ковид-пандемијата, што го направи Радвински милијардер по само три години.
„Тој почина мирно по долга битка со рак“, соопшти ОнлиФанс.
Основана во 2016, ОнлиФанс е платформа каде што креаторите можат да објавуваат видеа и фотографии и да им наплаќаат на претплатниците бакшиш или месечна членарина. Се споделуваат различни содржини, од готвење до фитнес, но најпозната е по порнографијата и начинот на кој ги охрабрува креаторите и корисниците да се поврзуваат преку преноси во живо, персонализирани пораки и директни нарачки на фотографии и видеа.
Во замена за објавување на материјалот, ОнлиФанс зема само 20% од сите плаќања. Компанијата имаше приход од 1,4 милијарди долари и повеќе од 377 милиони претплатници во 2024. Околу 4,6 милиони креатори објавувале на страницата таа година.
„Форбс“ го процени нето богатството на Радвински на 4,7 милијарди долари.



