Во тек се спасувачките акции за расчистување на пристапот до камповите на источната падина на Монт Еверест во Тибет, каде што речиси 1.000 луѓе се заробени од снежна бура што ги блокираше патиштата, според извештаите на кинеските државни медиуми. Стотици локални селани и спасувачки екипи се распоредени за да помогнат во отстранувањето на снегот што го блокира пристапот до областа, која се наоѓа на надморска височина над 4.900 метри. Некои туристи на планината веќе се спасени и пренесни во подножјето.
Снежните врнежи започнаа во петокот вечерта и продолжија вчера, според известувањата на локалната туристичка компанија на округот Тингри, која соопшти дека продажбата на билети и влезот во живописната област Еверест се суспендирани од доцна синоќа.
Веднаш преку границата во Непал, обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето и ненадејни поплави што ги блокираа патиштата, ги однесоа мостовите и убија најмалку 47 лица од петокот, соопшти полицијата. Триесет и пет лица загинаа во одделни лизгања на земјиштето во источниот округ Илам, кој се граничи со Индија. Девет лица се пријавени како исчезнати откако беа однесени од поплави, а тројца загинаа во удари од гром на други места во земјата.