Хезболах го обвини Израел за денешната серија експлозии на пејџери во Либан, при што загинаа најмалку деветмина луѓе, а 2.800 се повредени. Меѓу ранетите се и бројни припадници на Хезболах, кој користи пејџери за комуницирање. Групата кажа дека лидерот Саед Хасан Насрала не е повреден, но некои од загинатите се нејзини борци.
Либанскиот министер за здравство Фирас Абијас изјави дека 200 од ранетите се критично.
„Израел е целосно одговорен за оваа криминална агресија, чија цел беа и цивили. Овој предавнички и криминален непријател сигурно ќе ја добие својата праведна казна“, соопшти Хезболах.
Бранот на експлозии траел околу еден час, но нејасно е како уредите биле детонирани.
Иранската државна телевизија објави дека е повреден и иранскиот амбасадор во Либан, Моџтаба Амани, но не е во животна опасност.
Израелската војска досега не излезе со коментар за експлозиите, кои се регистрирани низ целиот Либан, па дури и во Сирија.
Официјално лице од Хезболах кажа дека детонациите на пејџерите се најголемиот безбедносен пробив со кој оваа група се соочила од почетокот на војната со Израел пред речиси една година. Израел и Хезболах, кој е поддржан од Иран, постојано разменуваат оган преку границата откако почна војната во Газа.