Фан Тхи Ким Фук, чија фотографија стана симбол на ужасот на Виетнамската војна, го заврши последниот третман за изгореници на кожата, 50 години откако нејзиното село беше нападнато со напалм.
Тогаш деветгодишната Фук била снимена како трча гола и вреска во агонија откако авион на силите на Јужен Виетнам фрлил напалм врз селото, заменувајќи го за северновиетнамски позиции. Ник Ут, фотографот кој ја направил легендарната снимка во 1972, ја одвезол Фук на лекар.
Таа повеќе од една година заздравувала од повредите во болница и потоа живеела во постојана болка и со ограничена подвижност. Оваа недела, таа ја поминала 12. и последна ласерска терапија во Дерматолошкиот институт во Мајами.
Ут доби Пулицерова награда за фотографијата. Иако Фук вели дека Ут ѝ го спасил животот, таа никогаш не ја сакала фотографијата и се срамела од неа зашто е гола.
Фук се преселила во Канада во 1990-ите, каде што основала меѓународна фондација.