Советникот за национална безбедност на Доналд Трамп, Мајк Волц, кажа дека презема целосна одговорност за гафот со вклучувањето на новинар во групниот разговор на апликацијата Сигнал, каде што највисоките американски функционери разговарале за напади врз хутите во Јемен.
Тој се огласи ден откако уредникот на магазинот „Атлантик“ Џефри Голдберг објави дека веројатно по грешка бил додаден во групата, во која биле и потпретседателот Џеј-Ди Венс и министерот за одбрана Пит Хегсет. Голдберг кажа дека останал незабележан во групата додека членовите на кабинетот на Трамп дискутирале за политика и за воздушни напади врз Јемен.
„Знам, срамно е, но ќе го решиме ова. Се советуваме со Илон Маск, ги имаме најдобрите технички умови кои разгледуваат што се случило. Никој друг не е виновен, преземам целосна одговорност. Јас ја направив групата и мојата работа беше сѐ да биде искоординирано“, кажа Волц за „Фокс њуз“.
Тој не можеше да објасни како Голдберг завршил во групата.
„Се разбира дека не го видов тој губитник во групата, мислев дека е некој друг. Се обидуваме да утврдиме дали го направил тоа намерно или е техничка грешка“, кажа Волц, кој претходно го опиша Голдберг како дно од новинар чие известување е лошо за земјата.
Доналд Трамп застана во одбрана на Волц, велејќи дека е „добар човек кој ја научил лекцијата“.
„Протекувањето беше единствената грешка во овие два месеца, а и се покажа дека не е сериозна“, кажа Трамп.
Во вчерашното сослушување во Конгресот, шефот на ЦИА Џим Ретклиф и директорката на Националното разузнавање Талси Габард тврдеа дека во групата на Сигнал не биле споделени никакви доверливи информации.
Во својот текст во „Атлантик“, Голдберг напиша дека бил поврзан во групата на 11 март преку налог што му припаѓал на Волц. Тој во прв момент мислел дека е измама, но четири дена подоцна видел пораки за напади врз хутите и бил изненаден кога видел дека навистина имало експлозии во главниот град Сана. Во групата биле вклучени 18 лица.