Новиот балистички проектил „орешник“, што Русија го испукала кон Днипро минатата недела, носел повеќе боеви глави, но без експлозиви и предизвикал мала штета, изјавија два извора од украинската влада. Ова на некој начин се совпаѓа со она што го кажа Кремљ дека лансирањето било само предупредување за западот откако САД и Велика Британија ѝ дозволија на Украина да ја гаѓа Русија со нивни проектили со долг дострел.
Украински и западни експерти се обидуваат да дознаат повеќе за „орешник“, за кој Владимир Путин кажа дека не може да го пресретне ниедна противвоздушна одбрана на светот. Американски функционери го опишаа како експериментален проектил со среден дострел. Вакви проектили вообичаено се наменети за нуклеарни удари и можат да поминат дистанца од илјадници километри.
Еден извор кажа дека проектилот носел лажни боеви глави и предизвикал „доста мала штета“.
„Во овој случај, проектилот бил без експлозиви. Немаше тип на експлозија каква што би се очекувала. Имаше нешто, но не беше големо“, изјави друг извор од украинската влада.
Путин кажа дека ова било пробно тестирање во борбени услови и дека „орешник“ ја погодил метата. Тој тврдеше дека Русија располага со залихи од ова оружје, додека западни функционери сметаат дека ги има само неколку.