Американските научници објавија дека постигнале голем напредок во напорите да рекреираат нуклеарна фузија. Физичарите работат на оваа технологија со децении, бидејќи би можела да биде извор на речиси неограничена чиста енергија.
Тие денеска потврдија дека надминале значајна бариера, произведувајќи повеќе енергија во експеримент со фузијата отколку што вложиле во него. Сепак, експертите додаваат дека ќе треба уште време пред да може со фузијата да се напојуваат домови.
Експериментот бил спроведен во националната лабораторија „Лоренс Лајвмор“ во Калифорнија и во него досега биле вложени 3,5 милијарди долари.
Нуклеарната фузија се смета за свети грал во производството на енергија. Делува така што се спојуваат парови на лесни атоми и оваа фузија создава многу енергија.
Фузијата е спротивна на нуклеарна фисија, каде што тешките атоми се разделуваат. Фисијата се користи во нуклеарните централи, но процесот создава и многу отпад, кој продолжува да емитува радијација уште долго време.
Нуклеарната фузија создава далеку повеќе енергија и само мало количество на краткотраен радиоактивен отпад, но уште поважно, не создава стакленички гасови.