Директорката на изборот на Мис Никарагва, Карен Келебрети, поднесе оставка откако беше обвинета за предавство. Полицијата кажа дека Келебрети местела избори во полза на мисици кои биле противници на владата.
Ваквите обвинувања се појавија неколку дена откако Шејнис Паласиос беше избрана за Мис Универзум, донесувајќи ѝ ја на својата земја првата победа на оваа манифестација. Потоа во јавноста се појавија фотографии од учеството на Паласиос на антивладин протест во 2018, што ги разлути властите.
Илјадници луѓе излегоа на улиците за да ја прослават победата на Паласиос, додека претседателот Даниел Ортега во прв момент изјави дека е среќен и горд, за потоа да се сврти против неа и оние кои го организираат изборот.
Паласиос не се врати во Никарагва откако беше крунисана за мис во Ел Салвадор, при што опозициските медиуми објавија дека на Келебрети и на нејзината ќерка не им било дозволено да влезат во земјата, па морале да одат во Мекскико. Сопругот на Келебрети и нивниот син се уапсени откако сите тројца беа обвинети за предавство.
„Тие зедоа учество во терористички акции на неуспешниот обид за пуч“, соопшти полицијата, алудирајќи на антивладините протести од 2018.
Келебрети тврди дека политиката никогаш не била вмешана во изборите на мис што таа ги организирала.