ОТВОРЕНА ИСТРАГА ЗА ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ЕПСТИН НАРЕДИЛ ДА СЕ ЗАКОПААТ ТЕЛАТА НА ДВЕ ДЕВОЈКИ КАЈ НЕГОВИОТ РАНЧ ВО НОВО МЕКСИКО

    ОТВОРЕНА ИСТРАГА ЗА ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ЕПСТИН НАРЕДИЛ ДА СЕ ЗАКОПААТ ТЕЛАТА НА ДВЕ ДЕВОЈКИ КАЈ НЕГОВИОТ РАНЧ ВО НОВО МЕКСИКОВластите на Ново Мексико ја започнаа првата сеопфатна истрага за обвинувањата дека Епстин повеќе од две децении сексуално злоставувал девојки и жени на ранчот Зоро (Фото: АП)

    Министерството за правда на Ново Мексико објави дека отворило истрага за обвинувањата дека сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстин наредил да се закопаат телата на две странски девојки надвор од неговиот ранч во оваа американска сојузна држава. Овие тврдења произлегоа од документите за Епстин што ги објави федералното Министерство за правда.

    Портпаролката на Министерството за правда на Ново Мексико, Лорен Родригез, изјави дека побарале нередактирана копија на мејлот од 2019 во кое е наведено ова обвинување.

    Властите на Ново Мексико истовремено ја започнаа првата сеопфатна истрага за обвинувањата дека Епстин повеќе од две децении сексуално злоставувал девојки и жени на ранчот Зоро, 48 километри јужно од Санта Фе. Притисокот од демократските пратеници за откривање на злосторствата на Епстин стана голем политички предизвик за претседателот Доналд Трамп.

    Редактираниот мејл од 2019 бил испратен неколку месеци по смртта на Епстин до Еди Арагон, водител на радио-емисија во Ново Мексико, кој во својата програма дискутирал за ранчот Зоро. Испраќачот, кој тврдел дека е поранешен вработен на ранчот, побарал исплата на еден биткоин во замена за видеа, за кои во е-поштата се вели дека биле земени од куќата на Епстин и на кои тој имал секс со малолетнички.

    Арагон изјави дека верува оти е-поштата е легитимна и веднаш ја проследил до ФБИ. Тој рече дека немал понатамошен контакт со испраќачот, а кога неодамна се обидел да одговори на мејлот за првпат, адресата повеќе не функционирала.

    Во редактираната е-пошта до Арагон се вели дека две странски девојки биле погребани по наредба на Епстин „некаде во ридовите надвор од Зоро“ и дека двете починале „со давење за време на груб секс“.

    Епстин изнајмил околу 503 хектари државно земјиште околу ранчот во 1993 година. Договорите за закуп биле откажани во септември 2019 откако било утврдено дека Епстин не го користел земјиштето за сточарство или земјоделство, туку како тампон-зона за приватност околу неговиот ранч.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира