Американскиот финансиер Берни Мејдоф, осуден за проневера тешка десетици милијарди долари, почина во затвор на 82 години. Тој беше осуден на 150 години затвор во 2009 откако призна дека измамил инвеститори преку пирамидална шема, која пропадна за време на финансиската криза во 2008.
Мејдоф ја почнал кариерата во финансискиот сектор на 22 години, а во 1960 ја основал својата компанија „Инвестмен секјуритис“. Таа стана толку успешна што Мејдоф беше избран за претседател на берзата „Насдак“, но и осум пати се најде под истрага на американските власти.
Сепак, дури глобалната рецесија доведе до падот на Мејдоф, кога инвеститорите се обидоа да повлечат седум милијарди долари од неговите фондови, а тој не можеше да пронајде пари за да ги покрие. Тој им го признал проблемот на своите синови, кои го пријавиле на властите. Меѓу оние кои изгубија пари беа добротворната организација на Стивен Спилберг, американски банки, Кралската банка на Шкотска, но и обични луѓе од најразлични професии.
„Ние мислевме дека тој е бог, па сѐ му доверивме“, изјави своевремено нобеловецот Ели Визел, чија фондација изгубила 15,2 милиона долари.
Се проценува дека Мејдоф проневерил 65 милијарди долари, од кои само дел се вратени.