Американскиот научник Џејмс Вотсон, нобеловецот кој ја откри структурата на ДНК, почина на 97 години.
Во едно од најголемите откритија на 20. век, тој ја идентификуваше двојната спирална структура на ДНК во 1953 година заедно со британскиот научник Френсис Крик, поставувајќи ја основата за брз напредок во молекуларната биологија. Тие ја поделија Нобеловата награда за хемија во 1962 година со Морис Вилкинс.
„Ја откривме тајната на животот“, кажа Вотсон своевремено.
Сепак, неговиот углед подоцна беше силно нарушен поради неговите коментари за расата и полот. Во една ТВ-емисија, Вотсон тврдеше дека гените предизвикуваат разлики во просечниот коефициент на интелигенција помеѓу црните и белите луѓе.
ДНК била откриена во 1869 година и на научниците им требало до 1943 да откријат дека таа го сочинува генетскиот материјал во клетките. Сепак, структурата на ДНК остана мистерија. Работејќи со слики добиени од британската истражувачка Розалинд Френклин, без нејзино знаење, Крик и Вотсон биле во можност да конструираат физички модел на молекулата.
Морис Вилкинс работел со Френклин на утврдувањето на структурата на молекулата на ДНК. На Френклин, која почина во 1958, денес ѝ е призната интегралната улога во научниот пробив на истражувањето на ДНК, и покрај тоа што нејзината работа во голема мера била отпишана од приказната во тоа време.
Во 2014, Вотсон стана првиот жив добитник на Нобелова награда кој го продал својот медал, велејќи дека се откажува од него бидејќи се чувствувал изолиран од научната заедница по неговите контроверзни забелешки. Руски милијардер го купи на аукција за 4,8 милиони долари и веднаш му го врати.



