Харизматичниот лидер на борбата за граѓански права во САД, Џеси Џексон, кој беше близок соработник на Мартин Лутер Кинг, почина на 84-годишна возраст.
„Нашиот татко беше водач-слуга, не само на нашето семејство, туку и на угнетените, безгласните и занемарените низ целиот свет“, соопшти семејството на Џексон.
На инспиративниот говорник му беше дијагностицирана Паркинсоновата болест во 2017 година. Медиумски истакнатиот Џексон се залагаше за правата на црните Американци и другите маргинализирани заедници уште од турбулентното движење за граѓански права во 1960-тите, предводено од неговиот ментор Кинг.
Тој се кандидираше за претседателска номинација од Демократската партија во 1984 и 1988, привлекувајќи црни гласачи и многу бели либерали во неочекувано силни кампањи, но на крајот, никогаш не држеше избрана функција.
Џексон ги основа групите за граѓански права со седиште во Чикаго „Операција ПУШ“ и „Националната коалиција виножито“ и беше специјален пратеник на претседателот Бил Клинтон во Африка во 1990-тите. Тој, исто така, помогна да се ослободат голем број Американци и други затвореници во Сирија, Куба, Ирак и Србија.
Роден во 1931 во Јужна Каролина, Џексон пораснал во ера во која брутално биле спроведувани расистичките закони и пракитики на југот на земјата со цел да се покорат црните Американци. Со активизмот за граѓански права започнал додека бил студент во Северна Каролина, а првпат бил уапсен кога се обидел да влезе во јавна библиотека наменета само за белци во Јужна Каролина. Во 1968 станал баптистички свештеник, и покрај тоа што не дипломирал.
Џексон станал близок соработник на Мартин Лутер Кинг и понекогаш патувал со него. На денот кога Кинг бил убиен, Џексон бил само еден кат подолу. Џексон подоцна раскинал со наследникот на Кинг во Конференцијата за јужнохристијанско лидерство, Ралф Абернати и во почетокот на 1970-тите ја основал својата организација за граѓански права „Операција ПУШ“, на чие чело остана до 2023.
Џексон надмина низа контроверзии и остана најистакната личност на борбата за граѓански права во Америка со децении. Се претставуваше себеси како рушител на бариери за луѓето од различни раси, сиромашните и немоќните.



