Валентино Гаравани, модниот дизајнер и могул зад славниот бренд „Валентино“, почина на 93 години.
„Тој почина мирно во својот дом во Рим, окружен со љубов и семејството“, соопшти фондацијата „Валентино Гаравани и Џанкарло Џамети“.
Гаравани, кој целата кариера беше познат само како Валентино, ја основал својата модна куќа во 1959 во Рим и брзо станал познат по своите црвени фустани, нијанса што беше именувана „Валентино црвена“.
Следната година го запознал својот долгогодишен бизнис партнер Џанкарло Џамети, со кого 12 години беше и во врска и заедно го претворија „Валентино“ во светски бренд.
Тој се здобил со поширока популарност откако бившата прва дама на САД Жаклин Кенеди почнала да ги носи неговите креации во 1964, нарачувајќи шест црни и бели фустани. Валентино потоа ја дизајнираше и нејзината венчаница за свадбата со Аристотел Оназис во 1968.
Најголемиот дел од следната деценија го поминал во Њујорк, а во 1990-тите беше омилен дизајнер на најпознатите супермодели на тоа време, како Наоми Кембел и Клаудија Шифер.
Валентино облекуваше и филмски ѕвезди, при што еден од неговите најпознати клиенти беше Елизабет Тејлор и самиот се појави во филмот „Ѓаволот носи Прада“ од 2006. Документарниот филм за неговите живот и кариера „Валентино: Последниот цар“ имаше премиера на Канскиот фестивал во 2008.



