Вишото јавно обвинителство на Нови Сад покрена обвиненија против 13 лица, вклучувајќи го бившиот министер за транспорт и градежништво Горан Весиќ, поради уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 луѓе.
Меѓу обвинетите се и бившите генерални директори на јавното претпријатие „Инфраструктура железница Србија“ Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан и бившата помошничка на Весиќ, Анита Димовски. Тие се товарат дека го извршиле кривичното дело Тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело Предизвикување општа опасност.
Останатите деветмина обвинети се сомничат дека го извршиле кривичното дело Тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело Непрописно и неправилно изведување градежни работи.
Обвинителството предложи да им се продолжи притвор на сите обвинети кои се веќе во притвор и да им се одреди притвор на тројцата обвинети кои сега се на слобода, што го вклучува и бившиот министер Весиќ, кој поднесе оставка неколку дена по трагедијата во Нови Сад.
Ако бидат прогласени за виновни, обвинетите би можеле да се соочат со затвор до 12 години. Засега не е познато кога ќе почне судењето.