Една од најпопуларните руски пејачки Ала Пугачева ги повика руските власти да ја прогласат за странски агент, во солидарност со нејзиниот сопруг Максим Галкин, кој е против војната во Украина.
Галкин беше прогласен за странски агент во петокот откако ја осуди руската инвазија на Украина.
На социјалните мрежи Пугачева напиша дека нејзиниот сопруг е „непоткуплив руски патриот кој сака да престанат да ги испраќаат нашите момчиња да гинат за измислени цели“.
Таа вели дека поради постапките на Кремљ во Украина нејзината држава станала отпадник и животите на граѓаните се сè потешки.
Етикетата странски агент се користи од руските власти за да се означат медиумски организации, граѓански здруженија и поединци кои отворено ги критикуваат политиките на Кремљ.