Митрополитот Даниил Видински е нов патријарх на Бугарската православна црква (БПЦ) и митрополит софиски. Тој денеска беше избран од делегатите на Патријаршискиот изборен црковен собор по вториот круг, на кој противкандидат му беше митрополитот врачански Григориј. Со гласовите на 69 од 138 делегати избран е човек кој се смета за проруски ориентиран, близок со Москва, на чело на автокефалната источноправославна јурисдикција со околу 6 милиони членови во Бугарија и еден до два милиони повеќе приврзаници надвор од земјата, пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик. Григориј доби 66 гласа, а имаше три неважечки ливчиња.
52-годишниот Даниил ја презема власта по смртта на патријархот Неофит во март. Даниил ја нарече Украина агресор, во сегашната целосна инвазија на руските трупи на Украина. Тој смета и дека Украина е креација на Владимир Илич Ленин.
Даниил го критикуваше затворањето на Руската црква во Софија минатата година и изрази револт по одлуката да се протера нејзиниот поглавар, архимандритот Васијан и уште двајца свештеници под сомнение за шпионажа.
Изборот на бугарскиот патријарх е во време на судир меѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј и Руската православна црква, која тој отворено ја критикува за споделување на одговорноста за руската војна во Украина, пренесе РСЕ на бугарски јазик. Рускиот патријарх Кирил ја поддржува воената агресија на Москва.
Односите беа затегнати и со одлуката на Вселенскиот патријарх во 2019 година да ѝ даде автономија на Православната црква на Украина, која Московската патријаршија не ја признава. Тогаш Даниил Видински јавно го нападна Вселенскиот патријарх и го поддржа ставот на Московската патријаршија, а Светиот синод се огради од неговите постапки, ојави РСЕ на бугарски јазик.