- СПЕЦИЈАЛНО ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК ОД ПАРИЗ – Г. МИХАЈЛОВСКИ
На меѓународниот саем за воздухопловство во Париз, европската воздухопловна компанија Дестинус презентираше прототип на она што потенцијално би можело да стане првиот суперсоничен авион на водород во историјата на авијацијата.
Прототипот, наречен Дестинус-3, беше прикажан заедно со претходните субсонични прототипови на компанијата, Дестинус-1 и Дестинус-2, на аеродромот Ле Бурже на почетокот на неделава.
Компанијата за истражување и развој е со седиште во Швајцарија, но има канцеларии во Шпанија, Германија и Франција. Рекламирајќи се како европска компанија што ќе доведе до револуција во авионскиот транспорт, инженерите имаат цел да направат летало кое ќе лета пет пати побрзо од сегашните авиони. Па така, на пример релацијата од Мемфис во САД до Шангај во Кина новиот суперсоничен водороден авион би ги поминувал за помалку од четири, наместо сега потребните 14 часа.
Според извршниот директор на Дестинус, Михаил Кокорич, прототипот Дестинус-3 има значајна важност поради две клучни причини:
Прво, употребата на течен водород како гориво кај прототипот, а ова е особено значајно бидејќи се однесува на главниот проблем со кој се соочуваат актуелните млазни мотори. Кога млазните мотори надминуваат брзина од 2 маха, компресијата генерира претерано топол воздух, што доведува до намалени перформанси на авионот. Дестинус се справува со овој проблем со користење на водород за гориво и претходно ладење на воздухот што влегува во моторот, користејќи техника која постои веќе пет децении.
Според Кокорич, водородот е одлично гориво поради неговата чистота и ефикасност. Она што го издвојува Дестинус-3 е употребата на водород како природна течност за ладење, што тој го спореди со летање со резервоар со течен водород кој служи и како извор на енергија и како ладилник.
Второ, тој вели дека прототипот Дестинус-3 ќе има и дополнителна намена во одбранбената индустрија, бидејќи ќе се користи и за идниот воен дрон на Дестинус, Дестинус-Е.
Дестинус има за цел да го направи првиот лет на прототипот следната година, што ќе го направи првиот суперсоничен авион на водород во историјата на авијацијата. Проектот е поддржан со комбинација на приватно финансирање и грантови од европската влада, специјално наменети за развој на водородната технологија.
Производството на прототипот е започнато, а се очекува до крајот на оваа година да биде подложен на тестови на земја, а летачките тестови се закажани за следната година.