СПЕЦИЈАЛНО ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК – БИЛЈАНА ТРИМЧЕВСКА (текст и фото)
До пред една недела, пред да протече аферата за офшор компаниите на познати политичари и спортисти, Панамски канал и Панамска шапка беа единствените поими кои први ни паѓаа на памет кога ќе се спомене Панама.
Малкумина знаат дека Панамската шапка всушност потекнува од Еквадор, поточно од местата, Монтекристи и Квајанка. Во почетокот на 19 век, бизнисмените од Еквадор заклучиле дека во Панама имаат подобар пазар за пласман на шапките, па така почнале да ги продаваат таму. Големата фреквенција на патници од Северна Америка кои ја користеле Панама за патување исток – запад и обратно, трагачите по злато кои патувале кон златните наоѓалишта па се враќале дома, работниците кои работеле на Панамскиот канал, па дури и самиот Рузвелт кој отишол да провери како оди работата на каналот, сите тие носеле Еквадорски шапки за да се заштитат од јакото сонце. И само поради локацијата каде биле купувани, и поради фактот што произведувачот изумил да зашие етикета “рачно направено во Еквадор”, шапките си го добиле епитетот Панамски.
ПАНАМСКИ КАНАЛ
Идејата за пробивање на Панамскиот канал потекнува уште од далечната 1534 година кога Чарлс V, Шпански крал и Свет римски император, сакал да стигне побрзо од Шпанија до Перу за да стекне предност над Португалците и наредил да се направи такво истражување. Од идеја до реализација поминуваат речиси 350 години, па изградбата на каналот започнува во 1881 година и е првично предводена од Французите. Поради тешкотии во изведбата и зголемена смртност на работниците, Французите се откажуваат од идејата, па Американците ја преземаат изградбата во 1904 година.
Каналот, кој многумина го сместуваат во едно од седумте светски чуда, е завршен после 10 години. Долг е 77 км, и за да се помине од Пацификот до Атланскиот океан се потребни околу 6 до 8 часа. Колумбија, Франција, а подоцна и Соединетите Американски држави ја контролирале територијата околу каналот за време на изградбата, а САД продолжуваат се до 1977 година, кога контролата ја делат со Панама. Конечно, од 1999 година Панама ја превзема целосната контрола врз каналот.
Над 30 бродови го поминуваат каналот секој ден, така што само минатата година Панама од тоа заработила над 800 милиони американски долари. Тука не се вклучени влезниците на туристите кои понекогаш чекаат со часови за да видат како огромните бродови поминуваат низ каналот, или пак и самите се решаваат да го поминат каналот со некој од туристичките бродови.
ЛИЧИ НА АМЕРИКА, А НИКОЈ НЕ ЗБОРУВА АНГЛИСКИ
Иако Панамците не се многу горди на фактот дека Американците го изградиле каналот и го контролирале долги години после тоа, сепак првата асоцијација кога ќе стигнете во центарот на Панама Сити е дека сте некаде во САД. Огромни и импресивни облакодери надвиснуваат над океанот разделени со широки булевари. И покрај големото инфраструктурно влијание, речиси никој во Панама не зборува англиски.
За разлика од САД каде во облакодерите се сместени гигантски корпорации и фирми, во Панама Сити ќе забележите дека тие најчесто се станбени згради. Не секој може да си дозволи стан со поглед, затоа што и покрај огромните приходи што Панама ги добива од каналот и својата местоположба, сепак има голема сиромаштија.
Ако мислите дека во Македонија се вози лудо и е тешко да се биде пешак, треба да го посетите Панама Сити. Понекогаш мора да се возите со такси само 800 метри, затоа што нема место покрај патот каде можете безбедно да пешачите. Јавниот транспорт е разбирлив само за локалното население, а неколкуте станици на единствената метро линија која е пуштена во употреба неодамна, не е доволна да го намали сообраќајниот метеж во градот. Затоа, понекогаш ви требаат час, час и половина да поминете растојание од само неколку десетици километри.
Но, затоа, шеталиштето Синта Костера е одлично место за спорт и рекреација, или пак само за релаксирање во утринските или доцните попладневни часови. Се протега помеѓу брегот и најпрометниот булевар на Панама Сити во должина од близу 5 километри и ги спојува модерната Панама со историскиот град Каско Вијехо. Содржи и мали паркови, ботаничка градина и справи за рекреација.
На самиот крај од шеталиштето се наоѓа рибниот пазар. Изобилува со народни рибни ресторанчиња со пластични столчиња, гласна музика, луѓе од најразлични етнички групи и огромни пеликани среќни што не мора да ловат, туку чекаат рибарите да ги фрлат остатоците од рибите кои ги чистат на брегот. Шарените рибарски бротчиња се радуваат на плимата која надоаѓа и го надоплолнуваат декорот. А од спротивната страна, во стариот град, сјае белата претседателска палата осветлена од зраците на сонцето што заоѓа. Делува уште понестварно и понедостижно додека се чудите како да ја поминете широката улица со многу кружни текови, но без пешачки премини. И тогаш го применувате старото добро јапонско правило: гледате каде е тревата изгазена на тревниците покрај булеварот и со многу внимателност и среќа претрчувате од еден до друг тревник.
МЕШАВИНА ОД КОНТРАСТИ
По неколку искачени скали стигнувате во стариот град. Изграден пред речиси четири века како бедем за заштита од пиратите, денеска е прогласен за културно наследство од УНЕСКО. Иако бил неколку пати уништуван од напади, востанија на робови, и земјотрес, денеска претставува мешавина од различни архитектонски влијанија. Тесните улички вијугаат низ згради со колонијална, карипска, француска и неоренесансна архитектура.
И не е само погледот кон модерната Панама со високи облакодери и широки булевари единствениот контраст што ќе го забележите. Шетајќи по тесните улички на овој историски споменик, можете да ги доживеете богатство и раскошот наспроти екстремната сиромаштија во еден здив. Во реновираните згради со високи тавани, со беспрекорно бели завеси кои се веат на морскиот ветер живеат најчесто странци кои се населиле во Панама. Веднаш до нив, залепени се куќи, некогаш достојни за восхит, но сега со распадната фасада, без стакла на прозорите, со заковани врати. Мислите дека секој момент ќе ви се срушат над глава. Но, сепак, иако делуваат како да се населени само со духови и чудни тропски инсекти и животинки, во нив најчесто живее најверојатно диво вселено локално население, или пак емигранти од околните посиромашни држави.
Стариот град изобилува со модерни кафулиња и ресторани кои треба да ги откриете низ безбројните тесни улички и помеѓу зградите со историско значење, а кои нудат спој на модерни ентериери одлично вклопени во старата архитектура. Многу од нив се лоцирани на крововите на зградите, и нудат прекрасен поглед. Освежување со локално ладно пиво Balboa со поглед кон облакодерите во модерниот дел на Панама и отсјајот на месечината во океанот пред вас е вистинско уживање.
Храната, исто како и ентериерот, нема да ве разочара. Панамската кујна е рефлексија на сите оние кои живееле и кои подоцна се населиле на овие простори и претставува мешавина на влијанија од африканската, шпанската кујна, како и од кујната на домородното население. Покрај локалната кујна, во Панама Сити ќе наидете и на многу интернационални ресторани: италијански, перуански, бразилски…
СЛЕДЕТЕ ГО СОНЦЕТО
За патување во Панама не ви е потребна виза. Иако е тропска дестинација, Панама не е под влијание на урагани, па затоа не мора да се внимава во кој период од годината ја посетувате. И не мора да се мачите со конвертирање на локалната валута, затоа што во Панама се користи американскиот долар, и покрај тоа што официјалната валута е балбоа (само метални пари), и со курсна разлика 1:1 во однос на доларот.
Иако мала, Панама е доста интересна за туристите. За разлика од своите Карипски соседи е многу поразвиена, а тоа го прави истражувањето на тропските убавини полесно и поудобно. Според легендите, името Панама доаѓа од еден од домородните јазици и значи “изобилие од риба”, па Панама е извонредна дестинација за сите оние кои уживаат во риболовот. Освен главниот град, Панама нуди тропски острови со песочни плажи, како што се Бисерните острови, Санта Каталина е рај за сурферите, а они пак што сакаат да нуркаат не смеат да го пропуштат националниот морски парк Коиба, со над 800 различни морски видови.
Доколку патот ве наведе во Панама Сити задолжително посветете еден ден на сонцето. Разбудете се рано за да го фатите изгрејсонцето на Атлантикот, а денот завршете го со негово испраќање во Пацификот, зошто овој град, сместен на теснецот што ги одвојува двата океана е единствениот во светот кој тоа ви го овозможува.