РУСИТЕ И УКРАИНЦИТЕ СЕ БОРАТ СРЕДЕ УРНАТИНИТЕ НА ПОКРОВСК, ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГРАДОТ НЕ Е ПОД НИЧИЈА КОНТРОЛА

    РУСИТЕ И УКРАИНЦИТЕ СЕ БОРАТ СРЕДЕ УРНАТИНИТЕ НА ПОКРОВСК, ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГРАДОТ НЕ Е ПОД НИЧИЈА КОНТРОЛАРускиот воен блогер Рибар објави дека руската контрола врз Покровск постепено се шири (Фото: Телеграм)

    Руските и украинските војници водат борби среде урнатините на Покровск, транспортен и логистички центар во Доњецк во источна Украина, што Москва се обидува да го освои повеќе од една година.

    Украинската војска соопшти дека се водат жестоки борби во дел од градот, што е клучен за нејзината логистика на фронтот. Се наведува дека таму пристигнале дополнителни специјални сили и дека се испраќаат повеќе оружје и опрема.

    Руското министерство за одбрана соопшти дека руските сили исчистиле 35 згради од украински војници и дека ги притискаат опколените Украинци во близина на градот Купјанск во Харкивскиот регион, околу 160 километри северно. Украина негираше дека нејзините војници се опколени на која било локација.

    Додека мировните преговори се во застој, Русија вели дека има иницијатива на сите делови од фронтот, но сепак не зазела ниту еден поголем град од Авдијивка на почетокот на 2024.

    ДипСтејт“, украински проект кој ја мапира линијата на фронтот, вели дека руските сили се пробиле понатаму во Покровск и неговата околина, иако голем дел од градот е сè уште означен со сива боја, што значи дека не е под цврста контрола на ниедна страна.

    Покровск пред војната имал околу 60.000 жители, но повеќето цивили избегале одамна. Неговото освојување би можело да ѝ го отвори патот на Москва кон Краматорск и Словјанск.

    Рускиот воен блогер Рибар објави дека руската контрола врз Покровск постепено се шири, но целосното расчистување на градот е сè уште далеку.

    Володимир Зеленски вчера призна дека Покровск е под сериозен притисок, но дека руските трупи немаат целосна контрола врз ниту еден округ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира