РУСКИ ТАНКЕР СЕ ЗАПАЛИ И ПОТОНА ПОКРАЈ БРЕГОТ НА ЛИБИЈА, РУСИЈА ТВРДИ ДЕКА БИЛ ПОГОДЕН ОД УКРАИНСКИ ДРОН

    РУСКИ ТАНКЕР СЕ ЗАПАЛИ И ПОТОНА ПОКРАЈ БРЕГОТ НА ЛИБИЈА, РУСИЈА ТВРДИ ДЕКА БИЛ ПОГОДЕН ОД УКРАИНСКИ ДРОНБродот „Арктик метагаз“ превезувал течен природен гас (Фото: Икс)

    Руски танкер кој превезувал течен природен гас се запали покрај брегот на Либија, а сите 30 членови на посадата се неповредени и спасени, објавија руските власти. Либиските власти кажаа дека танкерот потонал по ненадејна експлозија северно од пристаништето Сирте.

    Руското министерство за транспорт потврди дека бродот „Арктик метагаз“ бил погоден од украински поморски дрон, додавајќи дека нападот се случил близу територијалните води на Малта.

    „Танкерот, кој тргнал од Мурманск, превезувал товар документиран во целосна согласност со меѓународните прописи“, соопшти министерството.

    Оттаму тврдат дека украинскиот дрон бил лансиран од брегот на Либија, опишувајќи го инцидентот како „чин на меѓународен тероризам и пиратство“.

    „Ројтерс“ објави дека малтешките вооружени сили примиле повик за помош од бродот, кој бил под американски и британски санкции. Малтешките и руските спасувачи успеале да ги спасат сите 30 членови на посадата, чија националност не е објавена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира