САД се подготвени да го одобрат испраќањето на противвоздушниот систем „патриот“ во Украина, што би можело да биде клучен потег во речиси десетмесечната војна со Русија. Одлуката би можела да биде донесена уште утре, со што Вашингтон конечно ќе одговори на украинските барања за добивање на вакви модерни ракетни системи.
„Патриот“ се смета за еден од најнапредните американски противвоздушни системи и обично е дефицитарен.
Поранешниот руски претседател Дмитри Медведев го предупреди НАТО да не ја опремува Украина со „патриот“, што Кремљ веројатно би го сфатил како ескалација. Ракетниот систем „патриот“ би ѝ помогнал на Украина поефикасно да се бори против руските проектили и дронови.
Пентагон досега не ја коментираше можноста за испраќање на „патриот“ во Украина. Еден американски функционер изјави дека украинските сили ќе поминат низ обука во Германија пред да го добијат системот.
Пентагон смета дека порастот на руските ракетни напади има за цел да ја исцрпи украинската противвоздушна одбрана и Русија да ја преземе контролата врз украинското небо. Поради тоа, САД и сојузниците ја снабдуваат Украина со сè повеќе противвоздушни системи, од оние од советско време до помодерните западни. Според Вашингтон, системите НАСАМС беспрекорно пресретнуваат руски проектили во Украина.