Украинските трупи држат делови од опколениот град Покровск од средината на ноември, но на некои единици им беше наредено минатата недела да се повлечат од непрактични позиции надвор од градот, изјави шефот на украинската војска Олександр Сирски. Тој, сепак, признава дека ситуацијата во Покровск останува тешка бидејќи Русија распоредила 156.000 луѓе околу него.
Руската војска минатата недела соопшти дека го освоила Покровск, но Киев го негираше тоа.
„Првично есенва нашите војници не беа присутни во Покровск бидејќи нашите можности беа ограничени. Но, од 15 ноември, како резултат на офанзивните акции, осигуравме околу 13 квадратни километри. Продолжуваме да го држиме северниот дел на градот, приближно до железничката линија. Покрај тоа, западно од Покровск, исчистивме и контролираме околу 54 квадратни километри“, кажа Сирски.
Додава дека руската војска трупа сили во областа под закрила на дожд и магла.
„Пред неколку дена наредив да ги повлечеме нашите преостанати трупи што беа на околу 5-7 километри од Покровск. Ротацијата веќе не беше можна и непријателот се провлекуваше. Немаше смисла да ги држиме таму повеќе“, појасни Сирски.
Русија се обидува да го освои Покровск повеќе од една година како дел од напорите за целосно заземање на регионот Доњецк. Падот на Покровск би го олеснило напредувањето на руските сили кон последните големи украински упоришта во Доњецк, Краматорск и Словјанск.



