Сопственик на бордели и ѕвезда на реално шоу освои место во државното собрание на Невада неполн месец откако почина.
Денис Хоф, кој држеше неколку легални бордели во оваа сојузна држава, почина на 16 октомври додека го прославуваше својот 72. роденден. Неговото тело беше пронајдено на неговиот Љубовен ранч во градот Кристал.
Според весникот „Невада индипендент“, Хоф посмртно успеал да ја победи противкандидатката на Демократската партија, Лезија Романов.
„Знам дека републиканците доживеаја масакр во Невада вечерва, но мојот човек Хоф од оној свет ги прегази својот противник и кампањата против борделите. Затоа, се извинувам, но јас ќе славам“, изјави водачот на кампањата на Хоф, Чак Мат.
Хоф, кој се нарекуваше себеси „Трамп од Пахрамп“, според градот што планираше да го претставува, остана на гласачките ливчиња и покрај тоа што почина, бидејќи беше предоцна тие да се сменат.