„Спотифај“ почна да ја отстранува музиката на Нил Јанг откако тој побара од стриминг сервисот да избере помеѓу него и поткастерот Џо Роген. Обвинувајќи го дека шири дезинформации за ковид-19, Јанг пред некој ден му порача на „Спотифај“:
„Можат да го имаат Роген или Јанг. Не може и двајцата“.
Роген последно беше критикуван што правеше интервју со специјалистот за заразни болести Роберт Малоун, кој кажа дека вакцините ги ставаат луѓето кои имале ковид-19 во уште поголема опасност и ја спореди пандемијата со подемот на нацистите во 1930-ите.
„Жалиме за овој потег и се надеваме дека Јанг наскоро ќе се врати на платформата“, соопшти „Спотифај“.
Канадско-американскиот рокер јавно го обвини „Спотифај“ дека шири лажни информации за вакцините, потенцијално предизвикувајќи смрт кај оние кои ќе поверуваат во нив.
„‘Спотифај‘ е дом на дезинформации за коронавирусот кои можат да загрозат животи. Лаги што се продаваат за пари“, кажа Јанг.
Во 2020, „Спотифај“ наводно платил 100 милиони долари за правата за поткастот „Искуството на Џо Роген“, кој денес е најслушаниот поткаст на платформата. Роген за себе вели дека не е антиваксер, но тврди дека младите не треба да се вакцинираат.