Македонскиот поп-пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран ноќеска во Белград, потврдија од неговиот тим за односи со јавност, додавајќи дека тој сега е добро.
„Зборував со Даниел и добро е, не побарал лекарска помош по инцидентот. По ноќта помината во полиција, сега е дома. Тој нема да дава натамошни изјави додека трае истрагата“, ни изјави Миланка Рашиќ, која е пи-ар на пејачот.
Српските медиуми објавија дека Кајмакоски бил пресретнат од вооружени лица близу „Бетон хала“ во Белград, по настапот во еден елитен клуб. Тие под закана со нож и пиштол го врзале и го ставиле во автомобил со намера да му изнудат 20.000 евра. Кајмакоски бил спасен откако полицијата се обидела да го запре автомобилот со киднаперите кај градот Рума.
„Она што можеме да го потврдиме е дека полицијата трага по непознатите сторители кои се странци, кои го врзале Даниел и го возеле во неговиот автомобил, барајќи му 20.000 евра. Оделе накај Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да ги запре. Возилото удрило во банкина, киднаперите излегле од автомобилот и избегале. Даниел потоа поминал неколку часа во полициска станица“, кажа Рашиќ.
Даниел Кајмакоски е роден во 1983 во Струга, а детството и младоста ги поминал во Австрија. Со поширока популарност се здоби откако победи во шоуто „Икс фактор Адрија“ во 2014, каде што ментор му беше Жељко Јоксимовиќ. Следната година, Кајмакоски ја претставуваше Македонија на Евровизија во Виена со песната „Лисја есенски“, но не се пласираше во финалето.
По бурниот развод од манекенката Кристина Димитриевска, со која помина три години во брак, Кајмакоски главно се повлече од јавната сцена. Во последните години живее во Белград со втората сопруга Марина и двете деца.
М. ЏАРОВСКА



