ТРАМП ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАПОВЕДНИКОТ НА ГРАНИЧНАТА ПОЛИЦИЈА БОВИНО ОД МИНЕАПОЛИС ЗА ДА ГИ НАМАЛИ ТЕНЗИИТЕ ПО УБИСТВОТО НА АЛЕКС ПРЕТИ

    ТРАМП ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАПОВЕДНИКОТ НА ГРАНИЧНАТА ПОЛИЦИЈА БОВИНО ОД МИНЕАПОЛИС ЗА ДА ГИ НАМАЛИ ТЕНЗИИТЕ ПО УБИСТВОТО НА АЛЕКС ПРЕТИБовино имаше клучна улога во тврдокорниот пристап на администрацијата кон спроведувањето на имиграциските закони во неколку града (Фото: АП)

    Контроверзниот заповедник на граничната полиција Грегори Бовино ќе го напушти Минеаполис, што претставува промена на тонот на Белата куќа по второто убиство на американски граѓанин од страна на федералните агенти за имиграција. Место Бовино, теренските активности во Минеаполис ќе ги предводи „граничниот цар“ на Доналд Трамп, Том Хоман, во обид да се намалат тензиите по смртта на 37-годишниот Алекс Прети во саботата. И покрај ваквата одлука на владата, упадите против имигрантите продолжиле.

    Бовино беше лицето на операцијата во моментите кога Прети беше вмешан во конфронтација која заврши со пукање. Тој притоа ја подгреа ситуацијата, велејќи дека Прети сакал да изврши масакр на федералните агенти.

    Министерството за внатрешна безбедност кажа дека агентите пукале во самоодбрана, тврдејќи дека Прети имал пиштол и давал отпор во нивните обиди да го разоружаат. Очевидвите, локалните функционери и семејството на Прети го негираа ова, посочувајќи дека тој држел телефон, а не оружје.

    Пред пукањето, Бовино имаше клучна улога во тврдокорниот пристап на администрацијата на Трамп кон спроведувањето на имиграциските закони во неколку града, беше активен на социјалните мрежи и редовно снимаше рации и објавуваше промотивни видеа што ги прикажуваат акциите на неговите агенти.

    И Хоман, кој му одговара директно на претседателот, се залага за агресивно спроведување на имиграциските закони на Трамп, но тој има искуство во улогата, бидејќи работеше со имиграција и депортации и за време на владата на Барак Обама.

    Тензиите и фрустрациите во Минеаполис останаа високи, и покрај веста дека Бовино и некои агенти ќе заминат, па нови демонстрации се најавени за следните денови. Прети е вториот жител на Минеаполис кој беше застрелан и убиен од федералните службеници за имиграција откако пристигнаа во Минесота, по инцидентот од 7 јануари, во кој беше убиена Рене Никол Гуд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира