Членката на НАТО Естонија кажа дека три руски воени авиони го нарушиле нејзиниот воздушен простор денеска, додека тензиите на источното крило на алијансата се веќе засилени. Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, изјави дека воената алијанса веднаш реагирала и ги пресретнала руските авиони, без да даде дополнителни детали.
Инцидентот се случи повеќе од една недела откако 19 дронови влегоа во Полска за време на руски напад врз Украина, за што западни функционери кажаа дека Русија ги тестира спремноста и решителноста на НАТО.
Естонските власти кажаа дека три борбени авиони „миг-31“ влегле во естонскиот воздушен простор без дозвола и останале вкупно 12 минути.
„Русија веќе четирипати го наруши естонскиот воздушен простор оваа година, што само по себе е неприфатливо, но денешното нарушување, кога три борбени авиони влегоа во нашиот воздушен простор, е невидено дрско. На постојаното тестирање на границите и агресивноста на Русија мора да се одговори со итно засилување на политичкиот и економскиот притисок“, рече министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
Покрај Полска, и Романија пред неколку дена пријави дека руски дронови влегле во нејзиниот воздушен простор.