УШТЕ ОСУМ МАЖИ ГО ОБВИНИЈА ЕКСДИРЕКТОРОТ НА „АБЕРКРОМБИ & ФИЧ“ ЗА СЕКСУАЛНА ЕКСПЛОАТАЦИЈА, ИМА НАД СТО ЖРТВИ

    УШТЕ ОСУМ МАЖИ ГО ОБВИНИЈА ЕКСДИРЕКТОРОТ НА „АБЕРКРОМБИ & ФИЧ“ ЗА СЕКСУАЛНА ЕКСПЛОАТАЦИЈА, ИМА НАД СТО ЖРТВИЛани во октомври, десетици мажи поднесоа групна тужба во која се наведува дека модната компанија „Аберкромби & Фич“ била соучесник во децениската шема за сексуална трговија со луѓе, спроведена од поранешниот извршен директор Мајкл Џефрис. (Фото: АП)

    Уште осум мажи го обвинуваат поранешниот извршен директор на модната компанија „Аберкромби & Фич“, Мајкл Џефрис, и неговиот британски партнер за сексуална експлоатација, според сведоштвата што ги дадоа за „Би-Би-Си“. Некои тврдат дека биле малтретирани, а некои дека им била вбризгана дрога.

    Лук (не е неговото вистинско име) вели дека бил шокиран додека го воделе во претседателскиот апартман на Мајк Џефрис во хотел во Шпанија. „Тоа беше како филмски сет од продавница на ‘Аберкромби’. И мислев дека ќе правиме фотосесија“, се сеќава тој на настанот во 2011 година.

    Тој вели дека просторијата била слабо осветлена и со еротски фотографии од машки стомак кои ги краселе темните ѕидови. Во средината, група асистенти облечени во униформи на „Аберкромби & Фич“ – поло маици, сини фармерки и апостолки – лежерно ја превиткувале облеката на масата, преправајќи се дека се работници во продавница, вели тој. Тогаш 20-годишен, Лук вели дека му била понудена шанса да биде во реклама на компанијата ако дојде од својот дом во Лос Анџелес до Мадрид, за да се сретне со извршниот директор на „Аберкромби & Фич“. Лук вели дека предлогот дошол преку веб-страница за манекени од човек кој рекол дека работел како извидник на таленти и извршен асистент за Џефрис, кој тогаш беше шеф на малопродажбата за тинејџери вредна милијарда долари.

    Во апартманот, Лук вели дека помошниците на Џефрис почнале со играње улоги, охрабрувајќи го да се однесува како вратар гол до појас, белег на продавниците на „Аберкромби & Фич“ во тоа време. Лук вели дека се сеќава на извидникот на таленти кој рекол: „Сега имам двајца многу важни гости, а тоа ќе бидат клиентите што треба да ги импресионирате и забавувате бидејќи ќе купат многу облека од вас“. Во тој момент, тој вели дека Џефрис и неговиот животен сопатник Метју Смит излегле од еден ќош на собата. Тие веднаш почнале да го допираат и Џефрис насилно го бакнал, вели тој.

    „Се обидував да ја избегнам целата ситуација колку што можев, но Мајкл беше многу агресивен“, вели Лук и кажуда дека шефот на „Аберкромби & Фич“ потоа му извршил орален секс. „Се обидов да кажам не повеќепати, но едноставно бев убедуван да направам нешто. Но, јас постојано велев не и сакав да си одам“.

    Лук е еден од осумте мажи кои зборуваа за „Би-Би-Си“ во изминатата година откако се открија наводите за сексуална експлоатација на настаните што ги организирале Џефрис и Смит. ФБИ започна истрага по пишувањето на „Би-Би-Си“, а вкупно 20 мажи сега изјавиле дека присуствувале или помогнале во организирањето на овие настани. Како и наводите на Лук, новите сведоци откриваат нови детали за размерите на настаните, кои се случиле најмалку од 2009 до 2015 година, додека Џефрис беше извршен директор.

    „Би-Би-Си“ претходно откри дека имало софистицирана операција во која бил вклучен посредник задолжен да најде мажи за овие настани, но новите сведоштва детализираат дополнителни методи за регрутирање. Мажите, исто така, поставуваат нови прашања за улогата на помошниците на Џефрис – избрана група млади мажи во униформи на „Аберкромби & Фич“ кои патувале низ светот со него и ги надгледувале овие секс настани. Според повеќе мажи, помошниците на Џефрис на некои присутни им инјектирале во пенисот течност за која им било кажано дека е течна вијагра.

    Лани во октомври, десетици мажи поднесоа групна тужба во која се наведува дека модната компанија „Аберкромби & Фич“ била соучесник во децениската шема за сексуална трговија со луѓе, спроведена од поранешниот извршен директор Мајкл Џефрис. Според тужбата поднесена пред федералниот суд во Њујорк, Мајкл Џефрис, кој ја водеше компанијата помеѓу 1992 и 2014, „ја искористил својата улога како извршен директор на ‘Аберкромби’ за да заведува атрактивни млади луѓе кои верувале дека Џефрис ќе ги вработи како Аберкромби модели“. Се смета дека вкупниот број жртви на ексдиректорот Мајкл Џефрис надминува 100, се вели во тужбата. Компанијата изјави дека нема да коментира за судските спорови што се во тек.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира