Бројот на загинати во вчерашните експлозии на рачни радија во Либан порасна на 20, а најмалку 450 луѓе се ранети, објави либанското министерство за здравство. Тоа беше вториот бран напади врз мрежата на безжична комуникација на Хезболах откако во вторникот експлодираа илјадници пејџери, при што загинаа 12-мина луѓе.
Се огласи јапонската форма „Иком“, која кажа дека уште пред десет години претстанала да произведува воки-токија, исто како и батерии за нив. Таа соопшти дека моделот „ИЦ-В62“ бил извезуван на Блиски Исток од 2004 до 2014 и оттогаш не бил испорачуван. Од компанијата кажаа дека воки-токија што експлодираа вчера можеби и не се нејзин производ, туку некоја копија.
Досега никој не ја презеде одговорноста за овие напади, но Хезболах и либанската влада го обвинуваат Израел, кој синоќа објави дека почнал нова фаза од војната и дека фокусот се сели кон северот. Извор од израелската војска потврди дека уште една нејзина дивизија е префрлена од Газа на северот на Израел, каде што досега оперираше само една дивизија.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутерес ги осуди нападите во Либан и кажа дека тие веројатно претставуваат вовед во голем израелски напад. Државниот секретар на САД Ентони Блинкен денеска во Париз ќе се сретне со министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција и Италија, при што ќе разговараат и за продлабочената криза на Блиски Исток.