ВО ЛИБАН ХРИСТИЈАНИТЕ ПОЧНАА СО ЛЕТНО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО, МУСЛИМАНИТЕ ЌЕ ПОЧЕКААТ ДА ЗАВРШИ РАМАЗАН

    ВО ЛИБАН ХРИСТИЈАНИТЕ ПОЧНАА СО ЛЕТНО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО, МУСЛИМАНИТЕ ЌЕ ПОЧЕКААТ ДА ЗАВРШИ РАМАЗАНПремиерот Микати, кој е муслиман, објави дека донел одлука да го одложи почетокот на летно сметање на времето до 20 април. - Плоштадот на мачениците во Бејрут (Фото: Пекселс)

    Луѓето во Либан утринава се разбудија во две временски зони, поради кавгата меѓу политичките и религиозните власти околу тоа кога треба да се поместат часовници за да почне летното сметање на времето.

    Премиерот Маџиб Микати соопшти дека летното сметање на времето ќе започне на крајот на Рамазан следниот месец, овозможувајќи им на муслиманите во земјата да прекинат со постот еден час порано. Но, христијанските власти велат дека летното сметање на времето почнува денеска, како што се случувало и досега.

    Многу од бизнисите исто така веќе почнаа со летно сметање на времето.

    Во четвртокот, премиерот Микати, кој е муслиман, објави дека донел одлука да го одложи почетокот на летно сметање на времето до 20 април. Тој не ја образложи одлуката, но се смета дека го направил потегот за да си ја зголеми популарноста за време на Рамазан. Светиот месец во Исламот почна на 22 март, а треба да заврши 21 април. Ако не се промени сметањето на времето, муслиманите ќе можат да прекинат со постот околу 18 часот, место од 19 часот, бидејќи се стемнува порано.

    Но, влијателната христијанска црква во Либан кажа дека ќе ја игнорира одлуката на премиерот и ја нарече изненадувачка. Неколку големи либански организации исто така решија да ја игнорираат одлуката, вклучувајќи ги телевизиите ЛБЦИ и МТВ.

    Националниот авиопревозник „Мидл Ист Ерлајнс“ се реши да направи компромис. Оттаму соопштија дека часовниците ќе останат во зимско сметање на времето, но термините на летовите ќе бидат прилагодени за да се избегне нарушување на меѓународниот распоред.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира