ВО НОВОГОДИШНАТА НОЌ 2019-2020 КЕЛНЕРОТ ПРЕДУПРЕДУВАЛ ДЕКА ПРСКАЛКИТЕ ЌЕ ГО ЗАПАЛАТ ПЛАФОНОТ ВО БАРОТ ВО КРАН МОНТАНА ШТО ИЗГОРЕ НА НОВА ГОДИНА

    ВО НОВОГОДИШНАТА НОЌ 2019-2020 КЕЛНЕРОТ ПРЕДУПРЕДУВАЛ ДЕКА ПРСКАЛКИТЕ ЌЕ ГО ЗАПАЛАТ ПЛАФОНОТ ВО БАРОТ ВО КРАН МОНТАНА ШТО ИЗГОРЕ НА НОВА ГОДИНАНоќта на 1 јануари нискиот плафон обложен со изолациска пена се запали од прскалките ставени на шишиња шампањ кои се држеле високо во воздухот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Нови информации откриваат дека ризикот од пожар во подрумскиот бар „Ле Констеласион“ во Кран Монтана, Швајцарија каде на 1 јануари загинаа 40 лица главно на возраст од 14 до 25 години, а над 116 беа повредени, бил познат со години пред трагедијата. За време на новогодишната ноќ 2019–2020, вработен во барот ги предупредил гостите да внимаваат на запаливата пена на плафонот, според видеото емитувано на швајцарската државна телевизија РТС.

    „Внимавајте на пената“, вика келнерот додека гостите користеа бенгалски прскалки – ист тип пиротехника за која се верува дека го предизвикала пожарот на 1 јануари 2026. Сцената е документирана со видео, до кое дојде РТС, а сведокот ја потврдува автентичноста.

    За време на новогодишната ноќ 2019–2020, вработен во барот на гостите им викал „Внимавајте на пената“, според видеото емитувано на швајцарската државна телевизија РТС. (Фото: Принтскирн од видео)

    Барот, сместен во подрумот на хотелот, од 2015 година функционирал како популарно ноќно место, особено меѓу младите. Уште при неговото реновирање од француските сопственици, биле изразени сомнежи за квалитетот на употребените материјали и нивната усогласеност со противпожарните стандарди. Две познати личности од Кран Монтана потврдуваат дека лично ги предупредиле сопствениците, но биле уверени дека „нема причина за грижа“.

    Поранешен вработен сведочи дека ризиците биле дел од секојдневието: гостите се качувале на маси и раменици, а запалените прскалки често се држеле високо во воздух, непосредно под нискиот плафон обложен со изолациска пена.

    „Подеднакво можеше јас да бидам тој што ќе го запали плафонот“, вели вработениот.

    Дополнително, сериозни пропусти биле утврдени и кај безбедносната инфраструктура. Единствениот означен итен излез во подрумот бил нефункционален и запечатен, што го правело неупотреблив во случај на евакуација. Според извор запознаен со објектот, станувало збор за сервисна врата која водела кон подрумски простории и скалиштето на зградата.

    Како резултат, единствениот можен пат за бегство бил тесно и стрмно скалиште кое водело кон приземјето, а потоа излез преку врата што се отворала навнатре – спротивно на основните безбедносни прописи. Токму на ова место, според сведоштвата, се создала смртоносна гужва во моментите на паника за време на пожарот.

    Сè уште останува нејасно зошто овие безбедносни пропусти не биле детектирани при инспекциските контроли. Обидите на РТС да добие јасни одговори од општинските и кантоналните власти во Вале засега се без резултат.

    Вчера, на прес-конференција градоначалникот на Кран Монтана рече дека од 2019 не се извршени безбедносни инспекции во барот.

    „Длабоко ни е жал. Немавме индикации дека проверките не се извршени“, изјави градоначалникот Николас Феро за отсуството на противпожарни проверки помеѓу 2020 и 2025 година, но рече дека нема да поднесе оставка.

    Тој рече дека „ќе зависи од судиите“ да одлучат дали градскиот совет ќе биде дел од кривична истрага за несреќата.

    Швајцарските обвинители претходно соопштија дека отвориле кривична истрага за француските менаџери на барот. Жак (49) и Џесика Морети (40) се осомничени за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и за палеж од небрежност, соопшти обвинителството на кантонот Вале.

    Се верува дека една од најголемите трагедии во историјата на Швајцарија била предизвикана од прскалките поставени на шишиња шампањ кога премногу биле приближени до плафонот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира