Еден од најбогатите украински бизнисмени загина заедно со сопругата во масивното руско бомбардирање на јужниот град Миколаив. Олексиј Вадатурски (74) и сопругата Раиса загинаа кога ракета го погоди нивниот дом ноќеска, јавија украинските медиуми.
Вадатурски беше сопственик на „Нибулон“, групација вклучена во извозот на жито. Тој, исто така, ја имаше добиено наградата „Херој на Украина“.
Градоначалникот на Миколаив Олександр Сенкевич кажа дека ноќеска било веројатно најжестокото руско бомбардирање на градот. Оштетени беа хотел, спортски комплекс, две училишта, како и многу домови.
Миколаив е на патот за Одеса, најголемото украинско пристаниште.
Лидерот на регионот Витали Ким кажа дека Вадатурски има направено многу за Миколаив и за цела Украина.