Најмоќните западни земји ја осудија вчерашната одлука на Народното собрание на Република Српска да се почне со подготовките за формирање паралелни институции и за неприфаќање на низа закони кои се на сила во БиХ. Тие сметаат дека тоа води кон дополнителна ескалација на ситуацијата во БиХ, додека опозицијата го бојкотираше гласањето, стравувајќи од нова војна.
„Владејачката коалиција во Република Српска мора да биде свесна дека ако продолжи да се движи по слепата улица на оспорувањето на дејтонските рамки, тоа може да штети на економскиот напредок на ентитетот, се заканува на стабилноста на целата земја и регионот и ја загрозува иднината на БиХ во ЕУ“, стои во заедничката изјава на амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Европска Унија.
Народното собрание вчера усвои сет заклучоци, со кои се најавува враќање на надлежности од државно ниво на Република Српска. Тие се однесуваат на воспоставување сопствена војска, разузнавачка служба, судски совет, обвинителство и индиректни даноци.
Владејачката коалиција исто така ја повлече согласноста за формирање вооружени сили на БиХ, разузнавачко-безбедносна служба, агенција за истрага и заштита и висок судски и обвинителски совет. Владата на Република Српска доби рок од шест месеци да подготви закони за формирање паралелни институции од овие области. На територијата на РС потоа веќе не би се применувале постојните државни закони.