Со вчерашната манифестација „Оризова братимка“, која првпат се одржа во единствената оризарска општина во државата Чешиново-Облешево, заврши годинашната жетва на „белото злато“. Овој регион располага со десетина фабрики за ориз во селата Облешево, Подлог, Спанчево и најмногу, дури четири, во Чешиново.
На манифестацијата немало никој од државниот врв, но биле присутни амбасадорите на Кина и Хрватска, Џанг Ѕуо и Владо Узелац.
Според претставникот на Општината Благој Митев, Ѕуо рекол дека Кина била најголем производител на ориз, но и најголем увозник и дека ќе ѝ го препорача кочанскиот ориз на својата држава, со оглед на високиот квалитет. Истото го изјавил и Узелац.
Годинава во кочанското поле оризот е застапен на речиси 5.000 хектари, па фабриките во овој крај треба да преработат околу 40 милиони килограми оризова арпа и да се произведат над 30.000 тони бел ориз, главно од старата италијанска сорта „андреа“ и од новите турски сорти, како „чакмак“, кои биле воведени пред шест години. Но, според земјоделците, прашање е колку ќе бидат откупени затоа што оризопроизводителите, незадоволни од откупните цени, веќе почнале да ја складираат арпата во своите домашни амбари.
„Голема штета, оваа година имавме и род и квалитет. Приносите се движат од 5.000 до 8.000 килограми од хектар, некои достигнаа и до 1.000 килограми од декар, но просекот е околу 7.000 килограми од хектар“, вели оризопроизводителот Мише Ангелов од Облешево.
Според него, речиси сите производители имаат свои складишта за арпата и според сегашните цени, немаат намера да го предадат целиот род. Сопствениците на фабриките за преработка на ориз имале свои површини со ориз и се договарале како да ја намалат цената на оризот на останатите производители.
Негиовиот сосед Љупчо Јанакиев, кој исто така има оризови полиња во реонот на Облешево, додава дека родот е добар, ама откупните цени се катастрофални и со нив не можеле да ги покријат ни најосновните трошоци.
„Пред една година ни беа ветувани над 25 денари за килограм арпа и до 60 денари за оризот. Наместо едно евро, сега слушаме цени од 15 до 18 денари за арпата и 25 до 50 денари за оризот“, вели Иле Арсов од Чешиново.
Неговиот соселанец Сане Јованов воопшто не е оптимист, бидејќи со години ветувањата биле едно, а за време откупот се случувало сосема друго. Не биле дадени ниту субвенциите за 2018 година.
„Несигурниот откуп ја прави несигурна и нашата егзистенција, па веќе немаме подмладок кој сака да се занимава со оризопроизводство. Сето ова придонесе едно дете да ми замине за Англија, а другото за Германија. Јас имам 60 години, а тоа значи дека во наредниот период ќе има помалку ориз на полето“, разочарано зборува искусниот земјоделец, кој со оризопроизводство се занимава од дете.
Целосно згаснување на оваа стопанска гранка се случила и во Општина Карбинци. Во атарите на селата Аргулица и Карбинци порано над 500 семејства егзистирале од оризопроизводството. Веќе 20 години во овие атари не се одгледува ориз.
Т. ЈОВАНОВСКИ