ТЕТОВО ПО 15 ГОДИНИ ПОВТОРНО ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОД ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈА

    ТЕТОВО ПО 15 ГОДИНИ ПОВТОРНО ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОД ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈАБеше отворена и изложба на портрети на 30 паднати борци од Тетовскиот партизански одред, кои пред 42 години ги наслика академскиот сликар Павле Кузманоски (Фото: СДК.МК)

    Тетово ја одбележа 75-годишнината од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор. По пауза од 15 години, тетовци имаа можност повторно да го чествуваат овој значаен ден, кој со години беше еден од најголемите празници на градот.

    „19 ноември, денот на ослободувањето на Тетово, беше празник кој сите тетовци го одбележуваа со голема почит и со бројни манифестации. Така беше сѐ до доаѓањето на повеќепартискиот систем во државата. Празникот почна сѐ поскромно и поскромно да се одбележува. Во 2003 година, Советот на Општина Тетово донесе одлука наместо 19 ноември, како ден на Тетово да биде прогласен 3 Март, денот кога беше конституиран првиот повеќепартиски Совет на Општината. Таа година беше и последното одбележување на овој празник. Голема вина за тоа имаа општинските власти, кои и пред ова целосно го игнорираа празникот, а и ние, како боречка организација, поради внатрешни проблеми не можевме да снајдеме сили да го вратиме овој празник. Затоа, оваа година, кога го одбележуваме овој 75-годишен јубилеј, решивме повторно да ја обновиме оваа традиција и да не дозволиме да се заборават сите оние жртви кои народот ги даде за слобода на земјата“, изјави Јоцко Димитриевски, претседател на Боречката организација од Тетово.

    На свеченоста, која се одржа во НУ Центар за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово, покрај голем број граѓани, присуствуваа и претставници на Боречката организација на Македонија, Владата, АРМ, МПЦ и на Советот на Општина Тетово.

    „Јас како борец на Осмата велешка ударна бригада директно учествував во ослободувањето на Тетово. Тоа беше добро осмислена акција на Народно-ослободителната војска. Градот го нападнавме од неколку страни. Отпорот на балистите и на фашистите, кои тогаш го држеа Тетово, беше многу слаб. Видоа дека војната е изгубена и дека ние сме добро организирана и вооружена воена сила и затоа не дадоа некој поголем отпор, туку побегнаа од градот. Ослободувањето на Тетово има и една друга димензија. Тетово беше последен град во Македонија кој беше ослободен од фашистичкиот окупатор и од домашните предавници, па неговото ослободување воедно значеше и ослободување на цела Македонија“, се сеќава д-р Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борците на Македонија.

    Одбележувањето беше проследено со богата културно-уметничка програма, беше отворена изложба на портрети на 30 паднати борци од Тетовскиот партизански одред, кои пред 42 години ги наслика академскиот сликар од Тетово, Павле Кузманоски. На свеченоста, после долги години, повторно беа изложени бистите на народните херои од Тетово, Тодор Циповски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче, кои општинската власт ги отстрани од плоштадот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира