ДЕВИЗНА ПСИХОТЕРАПИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:129:"Какваврскаимапушењето"Лорд"сопрославатанаДенотнанезависноста?

    1. Значи, нашите северни соседи излегоа ептен неблагодарни. Наместо најуч­тиво да ни се заблагодарат, затоа што, додека цел свет не сакаше ни да ги види, ние без пречки си тргувавме со нив, па уште и преку нашата територија им го зајакнувавме традиционалното српско-грчко пријателство, тие уште имаат образ и да ни се налутат. Небаре, сега ние сме тие што треба да им се извинуваме затоа што, откако нé притиснаа отстрана, почнавме да се однесуваме како што целиот нормален свет се однесува кон некој што е обвинет за агресија и зло­сторства.
    А ние, како што нé дал господ, душички балкански, за да ќариме нешто “на ситно”, не се ни возбудуваме кога тие отворено се ставија против нас, на страната на Грција, па уште и така ревносно го употребуваат она бесмисленото “бивша југословенска…”, па дури и ги навикнавме да си живеат со нас, како “така некои безначајни, што ќе ги купиме со млеко и колбаси, а тие ќе ни ја пропуштаат нафтата од Грција, да си ја заокружиме Голема Србија”.
    Така си ги научивме и со пасошите. Речиси две години си се однесувавме како границата да ни е играчка, па сега дојдовме во ситуација и Ибрахим Ругова на прес-конференција во Приштина да ѝ порачува на Владата на Македонија “да го преиспита својот однос кон косовските Албанци во поглед на пасошкиот режим”. Нека внимава сега Црвенковски што му порачува Ругова. Како можеше и да помисли да не се грижи за косовските Албанци!? Може, барем, ако веќе вове­дуваме пасошки режим и ако таму српските власти не им даваат пасоши, да им додели македонски пасоши.

    2. А дека границата не е играчка потврдува и одговорот на едно пратеничко прашање во белградскиот сојузен парламент од Владата на Југославија, во кој се вели дека границата меѓу СРЈ и Македонија е спорна меѓу општините Витина и Куманово.
    Ние, пак, пред неколку дена свечено си го прославивме Денот на независ­носта. Беше неработен ден, весниците излегоа со зголемен број страници, претседателот ѝ се обрати на нацијата, претседателот на Собранието двегодиш­нината ја одбележа со свечен прием, дописниците на телевизијата од градовите низ државата јавуваа за полагање свежо цвеќе…
    Којзнае, можеби вгодина, за третата годишница, ќе се пушти некоја произ­водна линија за етикети на кои ќе пишува дека нешто е изработено во Македо­нија. Во обичен работен ден и не се обрнува многу внимание на тие работи. Ама, кога на 8 септември ќе седнеш да уживаш во празникот, со кафе и со цигара, па уште и ако пушиш “лорд”, кога ќе ја видиш сината маркичка залепена одозгора на кутијата, на која е напишано “Произведено по лиценца од ТК “Куманово”- Југославија”, ќе си речеш: “Па добро бре, мајка му, толку ли нé исцрпеа тоа санкциите што немаме пари и по две години да отпечатиме нови маркички?”
    Она за спорната граница меѓу Куманово и Витина го споменав онака. Без врска.

    3. Конечно имаме шанси да бидеме рамноправни со Грција. Според тамош­ните анкети се предвидува на октомвриските предвремени избори ниту една партија да не добие доволен број гласови, за да може самата да формира влада. Ќе мораат Грците да прават коалициона влада. Како нас. Па во иднина нема да можат никако да се договорат за предвремени избори. Како нас. А како тргнале нашите пратени­ци со усвојувањето на изборните закони, не е чудо истите луѓе да ги дочекаат на­редните избори во Грција. Мислам на оние по четири години.
    Според речникот што го користат во предизборната кампања, грчките политичари се тука некаде – на Балканот. Едно, две, па – предавник на нацијата. Сите се во исто време најголеми заштитници на државата и најголеми предав­ни­ци. Сепак, најинтересно беше претепувањето на еден пратеник што поминал во друга партија. Ние барем не се тепаме. Да беше така, по неколку менувања на партии, на пример на Михаил Пановски, којзнае досега дали ќе личеше на себе.

    4. Еден од условите да не личи на себе му беше поставен и на министерот за здравство Јован Тофоски. За да присуствува на заседанието на Комитетот на светската здравствена организација во Атина му беа поставени неколку услови, што ги обелодени министерот за надворешни работи на Грција Михалис Папа­константину. Да влезе со југословенски пасош, да се претставува како да е од “БЈРМ” и – внимавај, бисер балкански! – да биде незабележителен.
    Од супер тајни канали “Вечер” дознава и за други барања на грчката страна до министерот Тофоски. Дополнителните инструкции од Папаконстантину се следните: бидејќи Тофоски по специјалност е гинеколог, за да не се открие неговото присуство, да стои понастрана од жените, потоа да го исфрли од употреба лулето, затоа што во Атина и онака има многу смог, да ги избричи мустаците, да стави темни очила и руса перика и да им се придружи на синдикалистите од државните претпријатија на митингот во Атина и незабележано да извикува: “Македонија е грчка”.

    5. Стручњаците од Народната банка на Македонија за време на неколкуднев­ните потреси на црната берза на девизи велеа дека официјалниот девизен пазар се однесува исто како да не постои црната берза, иако повеќето менувачници беа затворени. А јас, пак, бев убеден дека токму црната берза е таа што се однесува како да не постои официјална девизна берза.
    Од сите објаснувања на крајот сé се сведе на тврдењето на гувернерот дека порастот на цената на валутите бил од психолошки карактер. Девизниот пазар од банкарската влезе во ментална сфера. Што ќе рече, ни недостига колективна психотерапија. И гувернер – психотерапевт.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира