1. Што ги поврзува Џон Малкович и Бране Димовски? Страста. И “Опасните врски”. Малкович страсно ги освојува жените, а Бране уште пострасно му се меша во шемата. Го прекинува филмот “Опасни врски” и со голема воздишка и невидена возбуда, по бланкот од неколку секунди, најавува соопштение од Кабинетот на претседателот Глигоров.
Љубителите на филмот се потресуваат во истиот момент. Мора нешто страшно да се случило, што Бране Димовски, без очила, чита соопштение од Кабинетот на претседателот на Републиката. Кога тоа – нé признала Америка. После тоа Џон Малкович и Мишел Фајфер можеа на раат да си го довршат филмот.
2. Инаку, преписката меѓу Бил Клинтон и Киро Глигоров не беше толку страсна. Културно и одмерено, двајцата државници си ги разменија добрите намери за соработка. Македонија се обврза дека ќе се однесува светски.
Писмата ги проткајува духот на добрата волја, флексибилноста, почитувањето на територијалниот интегритет, подготвеноста за разговори. Она што не успеаја да го забележат во своите писма е уште една заедничка нишка. Тоа е музиката.
Киро Глигоров во минатото се покажал како композитор. А Бил Клинтон е саксофонист. Двајцата државници ги спојува љубовта кон музиката. Убавата музика не знае за граници. Таа не познава големи и мали држави, големи и мали народи. Можеби “Ленка” убаво звучи во џез стил.
Ете ни шанса, еднаш и Американците да зависат по македонски ноти. А ние ќе играме како што ќе ни свират.
3. Русите и Американците се скараа. Ама не затоа што едните нé признаа порано од другите, туку заради Босна.
Во екот на најголемите дискусии во НАТО-пактот, дали да се одобри употреба на воздушни сили против Србите околу Сараево, американскиот претседател Бил Клинтон два дена безуспешно се обидувал да го добие по телефон рускиот претседател Борис Елцин.
Мора да вртел преку скопската централа.
4. Чудо едно колку нашите политичари се разбираат во новинарство. Особено пратениците. Не еднаш ми се случило да ме запрат во ходниците низ Собранието и да ми држат лекција: “Знаеш што, ти го читав текстот, ама не си требало тоа да го ставиш, ти не ја разбираш политиката”.
Не водам евиденција колкумина од моите колешки и колеги се однесуваат како тие да ја водат политиката, ами си мислев дека овие новиве, демократски политичари знаат дека поминало времето на новинарите како општествено- политички работници.
Се сеќавам дека кон крајот на СКМ, во времето на Јаков Лазароски, се подготвуваше некој материјал за расправа на ЦК за состојбите во информирањето. После дојде Петар Гошев, ама тој беше зафатен со државни работи, па некаде го затурил материјалот.
Којзнае како истиот материјал сега се најде во Гранд хотел во Скопје. Политичарите зборуваат за новинарството. А новинарите како о.п. работници ги слушаат нивните лекции. Кај нас сé уште секој си дозволува да им кажува што е новинарство. Како во времето на ЦК СКМ.
Од извештајот на телевизијата дознав дека биле набележани насоки за натамошно дејствување. Не бев на трибината, па ме интересира дали насоките ќе бидат отпечатени во посебна брошура. Да земам да прочитам, за да знам како да се однесувам во иднина.
5. Среќа што се случи признавањето од страна на Американците, па претседателот Глигоров повторно се појави на почетокот на ТВ дневникот. И порано обично одеше во првите минути, ама откако се качи на Попова Шапка, почнавме да го гледаме и во спортскиот прилог, пред прогнозата за времето.
Телевизијата го следи Глигоров каде и да мрдне. Па го имаме претседателот во кабинет, во посета на градови, во кафеана на пречек на Нова година, на отворање на изложби, па зошто да го немаме на вести како покровител на Шарпланинскиот куп на Попова Шапка. Искрено, си помислив како би било претседателот наместо во спортскиот прилог да се појави на крајот од ТВ дневникот. Да ни каже какво време нé очекува утре.
6. Стабилизационата програма на Бранко Црвенковски почна да ги дава првите резултати. Се појавија фалсификувани денари.