ОВАА РЕПУБЛИКА

    1. Насловот на една позната книга од Маркес е “На полковникот нема кој да му пишува”. Кога сме веќе кај пишувањето, претседателот Киро Глигоров дено­виве му напиша писмо на грчкиот премиер Андреас Папандреу. Папандреу не му одговори на писмото. Прати усен абер дека не е многу по писмата, преку летач­киот Холанѓанец Ван ден Брук.
    Кога некој иден нобеловец како тема за пишување би ги одбрал маките на претседателот во грчко-македонскиот дијалот, во постмодерен стил, на книгата би ѝ дал наслов “На претседателот нема кој да му пишува”.
    Арно ама, што правиме со насловот на уште една позната книга на Маркес? Се вика “Сто години самотија”.

    2. А ние се подготвуваме и работиме како сто години да ќе бидеме сами, а како веќе утре да ќе ни дојде повторно Ханс Ван ден Брук. Кога дојде првиот пат, избегнуваше да изусти Македонија, туку викаше Скопје. Кога се врати од Атина, веќе нé нарекуваше “Оваа република”. Кога ќе дојде трет пат, белким Папандреу ќе напише некое писмо, па Ван ден Брук нема да има потреба да зборува.

    3. Казачок се игра покрај оган, вели една стара популарна песна. Русите домаршираа до Пале. По покана на Радован Караџиќ, кој веќе стекна толкав углед во меѓународната заедница што почна самиот да си нарачува која војска сака да му дојде, да му ги чува освоените територии.
    Влегувањето на Русите на Пале беше триумфално. Со сливова ракија и цигари. Како да се врати историјата назад. Си мислиш, ова е 1944-та и Црвената армија маршира во Белград.
    Белграѓаните еуфорично го прославија враќањето во историјата. Се собраа пред руската амбасада, под мотото “Мајчице Русија, спасиба!” и му ги простија сите гревови на Елцин. Во победничкиот транс заборавија и на Хрватите и на целиот мајтап што го играа со нив, кога овие пееја “Данке Дојчланд”. Сигурно и Србите по стапките на Хрватите, по угледот на кафето “Геншер”, ќе отворат кафе “Чуркин”.

    4. Инаку, Русите беа зафатени со одбрана на српските освоени територии, па не успеаја да видат што се случува на македонско-грчката граница. Всушност, гледаа, ама се правеа на удрени. Накрај изјавија дека се шокирани од потегот на Грција. Само им требаше недела дена да се шокираат. Тоа доцнење кај нив е практика. Особено кога се работи за Македонија. Прво нé признаа, па чекаа уште година и пол за да воспостават дипломатски односи. А и сега гледам, претстав­ништвото во Скопје уште не го прекрстиле во амбасада.
    Во долготрајниот тек на шокирањето, министерот за надворешни работи на Русија, Андреј Козирев, понуди посредничка улога на Москва во спорот меѓу Скопје и Атина. Неговиот грчки колега Каролос Папуљас ја прифати понудата. Што самото по себе веднаш станува сомнителна работа. Освен ако господинот Сајрус Венс не го преселил своето биро во Москва.
    Не е познато дали посредничката мисија на Русија ќе ја опфати идејата на Радован Караџиќ за српско-грчка конфедерација. Што всушност е дамнешна желба на Слободан Милошевиќ. Овој простор помеѓу, каде што живееме, што господинот Ван ден Брук го нарекува мошне прецизно “Оваа република”, ќе биде еден од многубројните српски коридори. Српскиот коридор “Оваа република”, чијшто главен штаб ќе биде сместен во Кучевиште, ќе биде израз на вековната желба на српскиот народ за излез на море. Тие нема да ги уриваат само рампите кај Табановци, како што се фалеше Вук Драшковиќ, туку и рампите кај Богородица.
    За одбрана на коридорот, македонската верзија на Радован Караџиќ – Драгиша Милетиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Маке­донија, ги повикува Русите да му го чуваат Штабот. И да го чуваат голоракиот српски народ од до заби вооружените Македонци. Да дојдат баќушки со каќушки. А Кучевиште да биде Пале. А Скопје – Сараево. Драгиша, инаку според изгледот и однесувањето – реинкарнација на Дража Михајловиќ, ќе мора да се ослободи од Американците. Затоа им порачува дека не им гарантира безбедност.

    5. Србите и Грците веќе се здружиле во Австралија и ќе организираат антимакедонски демонстрации. Какви што се, и едните и другите, на крај ќе се ис­тепаат меѓу себе. Едните ќе викаат “Македонија е грчка”. Другите – “Маке­донија е српска”. А Македонија е наша.
    6. Сите ни се мешаат во работите, ама Албанија претера. Протоколот на Тирана не го сакаше Бекир Жута во нашата делегација. Па претставникот на Албанците од Македонија не беше на приемот кај Сали Бериша. Кога се сретнале министрите Стево Црвенковски и Алфред Серечи, Албанците барале да зборуваат англиски, за да не ги разбере Жута.
    Добро е. Како што тргнале, некој ден ќе ни состават и влада.

    7. Грците најавија дека ќе го подигнеле ембаргото најрано во ноември. Ќе ги чекаат резултатите од изборите. Сироти. Со ваков парламент и ние самите не знаеме кога ќе имаме избори.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира