УБАВИНА И ЗДРАВЈЕ

a:2:{s:11:"td_subtitle";s:200:"ПремиеротГруевскиизјавидекабилфрапиранодоткривањетонанекаквафабриказафалсификувањеличникарти.";s:18:"td_quote_on_blocks";s:14:"слусхај

    1. Премиерот Груевски изјави дека бил фрапиран од откривањето на некаква фабрика за фалсификување лични карти. Сега е фрапиран. Не беше фрапиран кога Заев пред половина година ги пушташе разговорите на неговите министри и блиски соработници како пред избори, меѓу другото, нарачуваат и лични карти. Пред тоа ВМРО-ДПМНЕ беше згрозена затоа што СДСМ во разговорите за договорот од Пржино, наводно, предлагал решенија кои ќе воведат цензура во медиумите. А пред шест месеци не беа згрозени од разговорите во кои се нарачуваат куртон вести и од начинот на кој министри и шефови на кабинети си нарачуваат новинари за покривање настан и во тефтерче запишуваат кој е подобен да се вработи во МТВ.
    Ај да фатиме со ред. Опозицијата излезе со бомби со прислушувани разговори што откриваат индиции за криминал на власта. Државата влезе во длабока политичка криза. Цел свет се покрена да се постигне мировен договор. Хан сто пати доаѓаше од Брисел, Нуланд допатува од Вашингтон и се јавуваше на телефон, Пржино стана славно во странските медиуми, амбасадорите Бејли и Орав станаа неизбежен декор на сите средби меѓу власта и опозицијата, се формираше Специјално обвинителство за да ги истражи индициите за криминал во разговорите и да открие кој прислушувал, илјадници луѓе беа на улици и протестираа, шатори се дигаа, закони се менуваа… И зошто? Е па ако досега не ни било јасно зошто сето тоа било потребно, ќе ни се разјасни сега кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го обвини СДСМ за мафијаштво и за поврзаност со криминалци. И кога Груевски, кој на крајот на оваа тешка година го изгубил трпението, ќе повика дека ова лудило на опозицијата треба да прекине. Кое лудило? Му пречи лудилото на опозицијата. А не се вознемирува од признанието на Ставрески што, исто така, го чувме на почетокот од годинава. Како беше она сеченото, лепеното и креираното: “Ние сме лудаци”. Тоа лудило не мора да прекине. Она што власта посветено и грчевито го прави додека преговара за создавање услови за фер и демократски избори, оди понатаму од обидот да се создаде мислење дека сите – и ВМРО и СДСМ се исти. Пораката не ВМРО оди уште подалеку. Дека нема подобро од ова. И подобро не може ни да биде. И дека не смееме да бидеме незадоволни од оваа убавина и здравје што нè снашле. Особено здравје.

    2. Приказната за убавината не смее да биде нагрдена ни од обична Фејсбук порака . На пример, најславниот македонски кошаркар на сите времиња, единствениот Македонец што играл во НБА лигата, напишал порака дека е изненаден зошто државата не го номинирала во годинашниот избор за спортист на годината. Веднаш дојде соопштение од Кошаркарската федерација. Во него беше објаснето како оделе номинациите “за да некој обичен и небитен поединец не би пишувал невистини, навреди и манипулации, бидејќи истиот поединец очигледно не е посветен на својата професија и на работата која ја работи, туку е посветен на други активности, па дури и политички, а нема капацитет за такво нешто”.
    Звучи познато? Да. Звучи како да е напишано во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи не може да има подобро од оваа убавина и здравје што нè снашле, не треба да заборавиме само на бомбите, туку треба да заборавиме и кој е Перо Антиќ. И кој нè тера да заборавиме? Тие што не можат да купат ни карта за натпревар на НБА, и покрај сите пари што ги имаат, а не пак да играат во НБА.
    Сега Перо Антиќ се занимавал со политички активности. А не бил способен за тоа. Демек само тие се способни за политика. Ма немој. Море, ги боли. Секој што е успешен, а не мисли како нив ги боли. Секој што е надвор од нивниот црно бел-свет ги боли. Секој што не им преќутува ги боли. А најмногу од сè ги боли дека самите се дилетанти. И свесни се за тоа.

    3. Претседателот Ѓорге Иванов го одржа годишниот говор во Собранието. Досега се правеше како да паднал од Марс. Ама сега се покажа дека никогаш не ни бил на Марс. Дека тој е тука, веќе седум години го грее столот, и втор мандат не се меша во својата работа. Ама научил лицемерно да попува.
    Тој раскажува дека “поради политичка неодговорност, го добивме договорот од Пржино…”. Чија неодговорност? Тој се брои ли меѓу политичарите? Потоа вика дека “оние што си презеле обврска, треба и да си ја исполнат…”, па дека “граѓаните се револтирани затоа што се дозволи други да се грижат за нас повеќе од самите нас. Револтирани се што наместо во институциите на државата, трчаме во амбасадите на странските држави… “. Па претседател на држава институција ли е, или амбасада на партијата на власт? Потоа рече дека сме “сведоци на деградација во медиумскиот простор. Јавната пристојност и професионалност стана исклучок наместо правило…”. А на новинарите им порача: “Не смеете да дозволите да ви наметнуваат правила и стандарди, да бидете мегдан за партиски препукувања и алатка за остварување нечии интереси. Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите така и од други моќници…”.
    Кој го кажа тоа? Претседателот во чиј мандат се затвораат медиуми, власта цензурираше насловни страници, новинар беше осуден со затворска казна за објавен текст, главен уредник на критички ориентиран политички неделник загина во сообраќајка, а немаше саглам професионална истрага, новинарите, заедно со пратениците, како партал беа исфрлени од Собранието, ги избркаа од седниците на Уставниот и на Врховниот суд и од анкетната комисија за скандалот со прислушувањето. Претседателе, да редам ли уште како беа погребани институциите и новинарството додека вие се правевте дека сте на Марс?

    4. Ќе се формира трет државен универзитет на албански јазик. За да може и ДУИ да се пофали дека остварува.
    Тогаш зошто патриотите од владејачката партија и патриотските медиуми, до пред само две недели хистерично врескаа на идејата албанскиот да биде втор официјален јазик?Кој во свет се плаши од учење јазици? Само ние. Оти македонскиот и албанскиот во Македонија не се странски јазици. Непријателски се. Ама не се непријателски затоа што Македонците и Албанците не се разбираат и не сакаат да живеат заедно. Туку затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги користат јазиците за создавање непријателство кога ќе им притреба. За да можат пријателски да си ги делат процентите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира