Пратеничката на СДСМ Фросина Ременски, која е обвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, вели дека поранешниот директор на УБК Горан Николовски уште во ноември 2018 знаел дека се случувал рекет, но до мај 2019 не презел ништо. Одговарајќи на новинарско прашање, таа кажа дека тоа е класично прикривање и дека ако ексдиректорот на УБК го информирал државниот врв, тогаш сигурно немало да има јавни појавувања и дружби на политичари, обвинители и судии со обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13. Ременски денеска беше во Антикорупциската комисија по нејзината претставка дека Николовски живее во куќа на адвокат на Орце Камчев, пријавителот на случајот „Рекет“.
„Пријавата не е поврзана со случајот ’Рекет‘, но остава сериозен сомнеж дека непостапувањето од директорот на УБК Горан Николовски на кој првично во неколку наврати му биле пријавени дејствија од семејството Камчеви е поради тоа што живее во куќата на адвокатот на Орце Камчев. Тој во ноември 2018 примил информации дека се случува рекет, а до почетокот на мај нема никакво службено постапување за да се спречи рекет. Ако бил информиран државно-политичкиот врв тогаш сигурно немало да следуваат јавните појавувања и дружби на политичари, јавно обвинители и луѓе од правосудството со обвинетите од ’Рекет‘“, изјави Ременски.
Таа вели дека станува збор за класично прикривање и за неa е несфатливо зошто во тој период има советување за снимање во дом на лице во куќен притвор од страна на овластено лице кое имало обврска да пријави.
На 10 декември, Ана Камчева сведочеше дека се среќавала неколку пати со Горан Николовски на кого му кажала дека ќе пријави оти е жртва на рекет. На прашањето зошто се среќавала надвор од седиштето на УБК, таа рече дека немала доверба оти таму работел сопругот на Ременска, Јовче.
Горан Николовски беше назначаен за директор на УБК на 16 јуни 2017, а функцијата ја извршуваше до укинувањето на УБК на 1 септември 2019.