ПРОФЕСОРИТЕ ФРИДМАН ОД САД И ЛИНДСЕТ ОД ФИНСКА ДОБИТНИЦИ НА ПОЧЕСНОТО РАЦИНОВО ПРИЗНАНИЕ ЗА АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

    ПРОФЕСОРИТЕ ФРИДМАН ОД САД И ЛИНДСЕТ ОД ФИНСКА ДОБИТНИЦИ НА ПОЧЕСНОТО РАЦИНОВО ПРИЗНАНИЕ ЗА АФИРМАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИКПрофесорите д-р Виктор Фридман и д-р Јоуко Сакари Линдсет се годинашни добитници на почесното Рациново признание за афирмација и промоција на македонскиот јазик, книжевност и култура во странство. (Фото: Рацинови средби)

    Професорите д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и д-р Јоуко Сакари Линдсет од Хелсинки, Финска, се годинашни добитници на почесното Рациново признание за афирмација и промоција на македонскиот јазик, книжевност и култура во странство, соопшти градоначалникот Аце Коцевски во името на Организациониот одбор на манифестацијата, која годинава се доделува по 57. пат, но за првпат во нов термин, септември-октомври.

    „Сигурен сум дека токму сега, кога некои ни го оспоруваат македонскиот јазик, со двајцата великани добитници на Рациновото признание кои искрено се посветени на афирмација на македонскиот јазик и литература, во јавноста силно ќе одекна веста за меѓународната поддршка на македонскиот јазик и култура. Научните истражувања на двајцата добитници покажуваат дека македонскиот јазик и неговите дијалекти се афирмираат во светските научни центри, односно македонскиот јазик се афирмира како посебен јазик и претставува предмет на исклучително научно интересирање поради својата поврзаност со балканските јужнословенски и несловенски јазици“, кажа Коцевски.

    Проф. д-р Фридман е меѓу најреномираните светски лингвисти, македонист и славист, редовен професор по славистика и балканистика на Универзитетот во Чикаго и афирматор на македонскиот јазик ,лингвистика и македонистика во целина, како во САД, така и во светот. Проф. д-р Линдстет е професор по филологија на Универзитетот во Хелсинки од 1986, учесник во проектот „Денешната лингвистичка мапа на западниот дел од Регионот Виа Игнација”, раководител и главен истражувач на значајниот проект „Кониковско евангелие“.

    Конкурсот за доделување на Рациновото признание ќе биде објавен пред 13 јуни, денот на убиството на Коста Солев Рацин.

    „Во услови на пандемија, сите учесници едногласно се сложивме дека одржувањето на Меѓународната културна манифестација ‘Рацинови средби’ во 2020 треба да се помести за периодот од крајот на септември до евентуално крајот на октомври. Неизбежна е потребата од поинаква организација на ‘Рациновите средби’, но од друга страна е и можност за нивно модернизирање, осовременување и програмско збогатување“ , рече Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира