ТАЈЛАНДСКА МАСАЖА

Коњите и магарињата не знаат дека тргнале кон ЕУ.

    ТАЈЛАНДСКА МАСАЖА

    1 Фондот за здравство најавува дека во иднина матичниот лекар ќе може да дава боледување максимум 5 дена, а за да се спречат злоупотребите, контролор по случаен избор, ама и по пријава на работодавач ќе може да заѕвони на врата да провери дали осигуреникот е дома.

    Не треба далеку да одат. Нека си ги проверат прво пациентите во државните и општинските институции. Кога новиот директор на Фондот Златко Перински излезе со оваа најава, веднаш ми текна на доскорешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, кој повеќе од два месеца не одеше на работа во Владата. Плата примаше, ама ниту премиерот, ниту министерката за финансии не знаеја кој му ја потпишува. Никој не знаеше зошто не доаѓа на работа, него не му пратија контроли по случаен избор дали е дома, а се разбра дека не е кога самиот се објави на Фејсбук со слика од Банкгок.

    Него го пратија како специјален пратеник во Брисел, а нам ќе ни доаѓа контролор дома да проверува дали сме болни. Којзнае дали Фетаи оди на работа и во Брисел, ама не може Перински и во Белгија да испраќа контролори.

    А може и навистина си имал мака човекот штом повеќе од два месеца не доаѓал на работа. Во Бангкок одел на терапија. На тајландска масажа.

    И така измасиран и исончан, сега достоинствено и доследно нѐ претставува во ЕУ.

    2 Мора да признаам дека малку ни е здодевно кога премиерот Христијан Мицкоски не е во државава. Ми недостастуваат по 3-4 изјави на ден со досетки на различни теми и математички пресметки, калкулации и анализи. Некако, без него како вестите да немаат смисла.

    Ама, добро, и од Вашингтон каде што е на пропатување за Генералното собрание на ОН во Њујорк ни го одржува духот. Вака-така, има по некоја содржина за пи-ар.

    Па така и од Америка уште еднаш дознавме колку е прекрасно и фантастично убаво да се живее во Македонија, колку Европската Унија е лоша кон нас, ама нема да им отстапиме ни милиметар, колку опозицијата е предавничка и уште колку ни остана од природните ресурси за распродавање.

    Ништо ново. Па затоа, нѐ интересираше барем нешто ново да научиме и прашавме колкумина се заминати во делегацијата. И кој сѐ е во делегацијата? Секој со својата партиска агенда и секој со својата дијаспора. И колку дена ќе бидат таму? И колку ќе потрошат?

    Очекувам ваков одговор:

    Алооо… Ние сме некогаш трета, а некогаш четврта економија во Европа, како сме тргнале Америка ќе треба да нѐ бара нас, а не ние неа. Ова не е време за делби. Ова е време за обединување. Наместо да ни се заблагодарите дека ви организиравме светска прослава за Денот на независноста, вие пак за пари прашувате?

    3 Полицијата го пронајде човекот што на Фејсбук му се заканувал на премиерот дека ќе го убие. Мицкоски рече: „Јас сум сепак институција. Кога не би бил, знам како се решаваат тие работи“.

    Како? Јас еве не сум инстититуција, ама не знам како се решаваат тие работи. Сум гледал по некои филмови, ама вака, на пример, дали ако некој ми се заканува треба да најмам  приватно обезбедување, или да нарачам некој да го претепа заканувачот, да го возам во затворен гепек, или да го предизвикам на двобој на плоштад… Или, најбанално, да пријавам во полиција и да чекам полицијата да ме заштити?

    Штета што премиерот веднаш по оваа изјава замина за Америка. Па така не дознавме како треба човек да постапи ако некој му се заканува, а не е институција.

    4 Пратеникот Оливер Спасовски откри дека директорот на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Петар Гајдов, во 2021 година се вработил како Албанец, оти така бил распишан огласот, а во 2025 станал директор како Македонец.

    Националната припадност е лично чувство. А ова е флексибилен државен службеник. Си го менува националното чувство во зависност од систематизацијата на работно место за државна плата. Се става во служба на државата во зависност од тоа што бара огласот. Во време на СДСМ бил Албанец. Во време на ВМРО-ДПМНЕ станал Македонец.

    Како се чувствува зависи од можностите на пазарот на трудот и од понудата на партијата на власт.

    5 Советниците на Општина Велес расправале за изметот што на улиците останува од коњите што ги влечат запрежните коли. Уште во 2016, Советот донел одлука дека тие што за превоз користат коњ или магаре треба со себе да си носат метла и лопатче за гомната да си ги собираат во ќеса. Како што е ред за земја-кандидатка за членка во ЕУ, која бара „пристап заснован на заслуги“.

    Во Скопје, една граѓанка беше снимена како излегува од „порше“ и од мост го фрла ѓубрето во Вардар. Полицијата открила која е граѓанката, ама не ѝ го објави името. Ѝ дала платен налог да си ја плати казната од 40 евра. Ако ја плати во рок од осум дена, казната е 20 евра.

    Зошто не се открива идентитетот на госпоѓата? Што е страшно ако дознаеме која е? Ѝ ја штитат приватноста? Па таа самата гордо мавта кон камерата. Ѝ го штитат достоинството? Објави ја, па нека се знае дека секој следен така ќе заврши. Зошто градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски се фали дека Градот ќе купи 3.300 контејнери за ѓубре? Чуму ни се? Фрли го ѓубрето во Вардар, има толку мостови.

    Срамота е? Срамот одамна не живее тука.

    Дали полицијата проверила госпоѓава да не го украла „поршето“. Некако, не ми е логично некој да има толку ум за да може да заработи да си купи скапа кола, ама свеста да му е ограничена да го фрла ѓубрето во река. Да сум некој бренд менаџер јас би ги терал купувачите да потпишат изјава дека нема со колата да фрлаат ѓубре по реки, планини, улици и паркинзи за да не ми го срамат брендот.

    Со „порше“ не се оди во Велес. Колата што ја видовме на снимката може да има и над 700 коњски сили. Запрежните коли имаат еден до два коња. На скопскава госпоѓа со 700 коња не ѝ врши работа ќесичка, метличка и лопатка. Ќе ѝ треба уште една кола со приколка зад неа за да ѝ ги собере сите гомна што ќе ги фрли во Вардар.

    Коњите и магарињата не знаат за закони, немаат свест за јавно добро, како што го имаме ние луѓето. Само јадат, какаат кај што ќе стигнаат и се размножуваат. Една општинска советничка во Велес вели: „Сопствениците треба да се задолжат, изметот да не завршува на коловозот. Така прават во светот, 21 век сме“.

    Стварно? Зарем 21 век дошло. Коњите и магарињата не знаат дека тргнале кон ЕУ.

     

     

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира