1. Заменикот-министер за надворешни работи на Грција, Мангакис, признал дека во Париз се ракувал со нашиот министер Црвенковски. Признанието на грешниот заменик-министер сé уште во грчките гласила не е издигнато на ниво на национална катастрофа, ама сиромашкиот Мангакис чувствува голема потреба од покајание за парискиот грев, што во моменти на човечка слабост му пружил рака на скопјанецот.
“Многу грешев, прости ми”, ќе му рече Мангакис на Папандреу, залудно обидувајќи се пред себе и пред историјата на Елада да го оправда тој толку неразумен и неконтролиран потег на неговата рака. Што ли му беше тој судбоносен ден, дали атмосферскиот притисок над Париз не беше во рамките на нормалата, дали Стево Црвенковски на состанокот дошол маскиран како филмски режисер, дали последиците од отровот во токиското метро се проширија и до Европа, дали Американците од Вашингтон теледиригирано ракувале со неговата рака… Многу прашања, што на крајот можат да се сублимираат само во едно: Како да му се прости на Мангакис? Ако треба да се исчисти од гревот, човекот ќе стане испосник. Ќе се закалуѓери. Местото веќе не му е во Атина и по некакви европски метрополи, каде што прави разно-разни глупости и се ракува со кого ќе стигне. Нека се прати во Света Гора.
За разлика од него, Црвенковски ништо не признава. А и да признае, исто му се фаќа. Не е тип на испосник. Па и таа Света Гора не е толку убава како Њујорк.
2. Министерот-портпарол на Владата, Ѓунер Исмаил, не признава дека не му кажуваат што се случува со надворешната политика на државата, особено по најновите договарања со Сајрус Венс во Њујорк. На новинарите пластично им објасни како се одвиваат преговорите во зградата на Обединетите нации. Господинот Исмаил ни кажа дека амбасадорите на Грција и на Македонија таму не мора да се сретнат само формално и на закажана средба. Тие можат да се сретнат и во ходник, во бифе, на врата, зад врата, под врата, бидејќи сето тоа претставува вообичаена практика на амбасадорите во светската организација.
Интересна работа. Баш убаво што амбасадорите Малески и Захаракис можат да се зближат и на таков неформален начин. Останува само уште еден проблем. Како Денко Малески да излезе од библиотека и да ја пронајде зградата на ОН!?
3. Владата се занимава со подземни активности, во кои активно се вклучени неколкумина министри. Медиумите открија дупки во тревникот околу владината зграда. Потоа беше објавено дека во нив требало да се посадат дрвца. Токму дента кога Владата ги правеше своите 100 дена, требаше да бидат посадени 100 дрвца.
Премиерот Бранко Црвенковски не се занимаваше со активностите на пополнување дупки. Одозгора гледаше како му функционираат министрите за урбанизам и екологија, шумарство и образование, Јорго Шундовски, Иван Ангелов и Емилија Симовска. Се виде и на телевизија – тие успешно ги пополнија дупките. Во јавноста остана прашањето: Зошто дозволија друг да им копа дупки?
Во еколошката акција “Сто садници за стоте дупки на Владата” не се вклучија министрите Албанци. Дознаваме дека не се работи за бојкот на институциите на системот. Едноставно, ја одбегнале активноста на копање. За да не може после некој да им префрли дека роварат по земјата.
4. Портпаролот Ѓунер Исмаил на тројца министри што го одбележаа Денот на екологијата им закачил беџеви. Веднаш потоа, согласно со определбата дека не е само еден ден за чистење, го зеде под свое надгледувањето на чистењето на градот и работната средина за состанокот на Централноевропската иницијатива. Искрено се надевам дека денес просториите на Министерството за надворешни работи и Владата конечно се светнати и проветрани. До вчера можеше да се падне во несвест од мирисот на свежа боја и хемикалиите за чистење. Од деновите на сериозните подготовки на Македонија за состанокот на министрите ќе ми остане во сеќавање забелешката на една чистачка, спружена на скалите во Министерството за надворешни работи со четка и пет-шест шишиња со хемикалии во рацете, упатена на одржувањето на хигиената на зградата што до неодамна беше седиште на Владата: “Така е кога сакаат во еден ден црното да стане бело. Е, не бива, кога со години било црно…”
Не знам дали министерот Исмаил наредил, покрај генералното чистење во Владата, да се изврши и дезинфекција, дезинсекција и дератизација. За секој случај. Во таа зграда беше седиштето на ЦК.
5. Повторно ќе нé тераат да ги менуваме регистарските таблички на возилата. Не се уставни.
Имам предлог како да заштедиме пари. И онака се подготвуваат неколку промени на Уставот. Наместо да ги менуваме табличките, можеме ли да го смениме Уставот? Во делот каде што се регулира употребата на писмото да предвидиме латиница за некои работи што се врзани со меѓународни прописи, како што е случај со табличките.