1. Се остварија најцрните прогнози за Грција. Нашиот јужен сосед и дефинитивно останува изолиран. Генералниот адвокат на Европскиот суд на правдата во Луксембург Џакобсон нема слух кога се во прашање нашите чувства на сожалување кон Грција. Тој е ладнокрвен и вели дека нивното ембарго кон Македонија е легално.
Како може човекот да биде толку против Грција. Па нели цело време ја жалиме Атина дека е изолирана. Затоа, малку не ми е јасна нервозата на нашите во Министерството за надворешни работи. Тие очигледно не го сфатиле соопштението на генералниот адвокат. Неговата цел е Грција да остане вечно изолирана. А тоа што ние и натаму ќе плачеме над нејзината судбина и ќе ја сожалуваме е наш личен проблем што нема никаква врска со строгите правнички норми. Замислете, уште, по некоја случајност, Судот да пресуди против Грција. Што ќе се случи? Ќе ја стави во затвор? Ова прашање нека го разгледуваат тие што сé се занесуваа дека судот во Луксембурт е правна, а не политичка институција.
2. За прв пат по неколку години, за нешто лошо што ни се случува дома не ја обвинивме Грција. Ќе беше смешно да речеме дека Атина е виновна што “рикна” осветлението на пистата на скопскиот аеродром.
Важно, дента кога Собранието го донесе Законот за Дирекцијата за цивилно воздухопловство, светна и пистата. Велат дека сега ќе имаме вистинско европско летање. Шестдневниот мрак на скопската писта беше само приспособување кон европските стандарди. Општо познато е дека таму по европските аеродроми авионите полетуваат и слетуваат само до зајдисонце.
Арно ама, ова е Балкан. Аеродромските служби не сакаат да влезат во Европа и се пуштиле по потрага по светилки. Првата пратка ја утнале, ама втората ја погодиле. Технологијата е премногу софистицирана, па морале да викаат и стручни лица од Словенија да ни го пуштат светлото.
Не ми е јасно зошто мораа толку да брзаат. Еве, во вторник треба да допатува германскиот министер за надворешни работи Клаус Кинкел. Можеше човекот со себе да понесе две-три кутии светилки како хуманитарна помош. Во меѓувреме, додека да дојдеа Словенците да ги монтираат, ако сакаше Кинкел да полета по зајдисонце, ќе му излезевме во пресрет. Сите вработени на аеродромот ќе земеа по еден факел, ќе се распоредеа покрај пистата, ќе му го осветлеа патот за Германија. Во спротивно, ќе си помислеше гостинот дека наместо во Македонија – оаза на мирот, дошол во Македонија – зона на самракот.
Арно ама, тоа можеше да разбуди лоши спомени од минатото. Во Втората светска војна, кога низ Босна слетуваа британските сојузници, партизаните им палеа огнови за да не ја утнат пистата. Така постои опасност Кинкел да си помисли дека и ние си играме партизани и Германци.
Аеродромското претпријатие се рекламира со слоганот “Најблизок пат до срцето на Балканот”. Во рамките на македонската вековна традиција, “да тргнеме на време, со сонце да се прибереме”, пилотите на македонските компании по европските аеродроми сигурно си велат “Ај побрзо да полетаме, да не се стемни по пат!”. Затоа предлагам, и не барам авторско право, скопскиот аеродром да промовира нов слоган: “Фати го денот”. Баш убаво коинцидира со слоганот на компанијата “Палер Македонија”: “Следете го сонцето!” Не може да се слета на светло на месечината. Освен ако евентуално не е полн месец и нема облаци. И да не биде петок – тринаесетти.
3. Претседателот на Комисијата за избори и именувања во Собранието на Македонија Наќе Стојановски деновиве реагираше на оставката на пратеникот Нано Ружин во парламентарната група за соработка со Франција. Господинот Ружин смета дека како добар познавач на францускиот јазик и Франција воопшто и како визитинг-професор на тамошните универзитети логично има право да му припадне раководното место во таа група. Стојановски имаше народски коментар: “Денес дури и овчарите веќе не ги бираат според тоа како лаат, туку како го чуваат стадото!”
По оваа луцидна забелешка на господинот Стојановски човек може да си помисли дека тој неговата комисија си ја посматра како – трло. Останува на следната седница на комисијата да објасни – дали предводникот го избираат според тоа кој најмногу мавта со ѕвонецот или кој најгласно блее?
4. Пред извесно време патував по новата делница на автопатот од Градско за Титов Велес и забележав интересни патокази. На две места на таблите беше испишано: “Титов Велес” и “Белград”.
Обично, кога се одбележуваат овие крајпатни знаци, секогаш постои објаснување како патникот да стигне до главниот град на државата. На новиот пат нема знак како да се стигне до Скопје. И сега, што се случува ако некој странец заскита по патот од Грција накај Србија? Прво, нема да има впечаток дека Србија е некоја друга држава. Второ, ако сака да го посети главниот град на државата, а него го нема на патоказните табли, ќе си помисли дека тоа е Белград.
И после ќе му се лутиме на министерот за надворешни работи на Југославија Владислав Јовановиќ кога изјавува дека во начело неговата земја е против признавањето на Македонија. Сигурно и тој, кога се враќа од Грција, на пропатување низ Македонија според патоказите си се чувствува како во своја драважа.