Се поставуваат бетонски столбови за објект пред ТЦ „Мавровка“, на местото на кафулето кое пред два месеци изгоре до темел во пожар. Деновиве просторот на плочникот кај крстосницата на булеварите Гоце Делчев и Крсте Мисирков, спроти Судска палата е заграден со ограда и внатре може да се види дека е поставена плоча и се изведуваат темели.
Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не се гради објект туку се враќа кафулето во првобитна состојба како пред пожарот и за тоа му е издадена дозвола.
„Ве уверувам дека нема да гради никаков објект, кафуле ќе си биде како што беше. Нашите инспектори беа на терен и се постапува соодветно“, вели градоначалникот Ганиу.
На нашето прашање зошто за летна тераса на јавна површина како што е плочникот пред ТЦ „Мавровка“ се изведуваат бетонски столбови како за објект, Ганиу одговори дека таква била состојбата и претходно. .
А. АНТЕВСКА